Од 23 до 25 јуни 2026 година, Министерството за спорт беше домаќин на Делегацијата на Мониторинг групата на Конвенцијата за борба против допингот од Советот на Европа. Целта на оваа мисија беше да се разгледаат преземените активности за спроведување на Конвенцијата против допинг, која земјата ја ратификуваше во 1994 година. Посетата на евалуациски тим претставува важна можност за размена на искуства и водење конструктивен дијалог за постигнатиот напредок, како и за предизвиците што претстојат во натамошното унапредување на националниот антидопинг систем.
Тимот за евалуација го предводеше Михал Ринковски (Полска), директор на Полската антидопинг агенција, претседател на T-DO, а во него беа вклучени и Олимпија Каравасили (Грција), независен експерт, Михаел Петроу (Кипар), директор на Кипарската антидопинг агенција, Милица Вукашиновиќ-Весиќ (Србија), директорка на Антидопинг агенцијата на Србија и Џејми Браун, раководител на Одделот за антидопинг во Советот на Европа.
Во рамките на тридневната посета на делегацијата на Мониторинг групата на Конвенцијата против допингот на Советот на Европа се одржaa повеќе состаноци со претставници на Министерството за спорт, со спортските федерации, спортисти, останати министерства и институции кои се поврзани со имплементација на Конвенцијата против допинг.
Министерството за спорт пред да се одржи евалуациската посета подготви и достави до делегацијата Национален извештај како нашата земја ја имплементирала и се придржувала до
Конвенцијата, со упатување на секој релевантен член. Во Националниот извештај, Министерството за спорт ги идентификува и предизвици во врска со спроведувањето на Конвенцијата како што се законски инструменти, статистички извештаи и други документи релевантни за да се демонстрира спроведувањето на Конвенцијата.
На работните средби со членовите на Мониторинг групата беа презентирани информации за промените во законодавството, развојот на националните антидопинг политики, спроведувањето на антидопинг програми, образовните активности, меѓународната соработка и други релевантни случувања поврзани со борбата против допингот во спортот.
По посетата на Скопје, заклучоците и препораките ќе бидат сумирани во Извештај за евалуација кој ќе биде усвоен од страна на Мониторинг групата на Конвенцијата против допинг (T-DO) и последователно доставен до властите на Северна Македонија за имплементација.
Оваа континуирана соработка и размена на информации, ќе придонесе за ефикасно спроведување на Конвенцијата и за зајакнување на меѓународните напори за заштита на интегритетот на спортот и промовирање на чист спорт.