Министерството за спорт, Министерството за образование и наука, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Фудбалската федерација на Македонија и УНИЦЕФ, на Светскиот ден на детето - 20 Ноември, почнуваат кампања за инклузија во фудбалот и спречување дискриминација од секаков вид, насловена „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“.
На денешната промоција на кампањата, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, посочи дека „нашите деца заслужуваат образование кое ќе ги подготви за натпревар со нивните врсници во светот и ќе им биде солидна основа за иднина“, но и дека „нашите деца заслужуваат и спорт без дискриминација“.
Преку бројните активности што ќе бидат дел од кампањата, ќе се промовира фер-плејот и културата на инклузија, ќе се гради свеста кај децата дека спортот создава пријателства и заедништво и дека сите деца кои спортуваат, без разлика на нивните различности, сакаат да покажат што знаат и умеат.
Кампањата ќе трае до 1 март 2026 година, а секој од учесниците ќе ја пренесува пораката дека на спортскиот терен сите се еднакви и за сите има место во тимот.