Скопје и Македонија викендов одново се домаќини на европската и на светската џудо елита. Денеска во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје започна Европскиот куп за сениори „Скопје 2026“, на кој настапуваат најдобрите џудисти од Европа и од уште неколку континенти.
На натпреварувањето учествуваат 42 репрезентации со вкупно 441 натпреварувач, од кои 296 џудисти и 145 џудистки. Македонија настапува со 12 претставници – 11 џудисти и една џудистка, предводени од селекторот Горан Мицкоски.
Свеченото отворање беше збогатено со присуството на високи претставници на европското џудо, меѓу кои и претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот, како и претставници на дипломатскиот кор.
Државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски, им додели медали на дел од победниците во денешните борби.
Илија Ристески во име на Министерството за спорт ги поздрави натпреварувачите и присутните гости и изрази поддршка за овој значаен спортски настан кој значи голема промоција на џудото во Македонија, но и промоција на Македонија на големата спортска сцена.
Организацијата на Европскиот куп е уште еден значаен меѓународен настан за Скопје и продолжение на серијата големи џудо-натпревари што во изминатите години се одржуваа во земјава.
Скопје претходно четири пати беше домаќин на Европскиот куп за јуниори, а во 2025 година го организираше и Европското првенство за кадети.