Министерството за спорт ја поддржаа иницијативата на Специјална Олимпијада Македонија за воведување на Unified спортски активности во училиштата во Македонија и активно ќе се вклучи во нејзината реализација заедно со другите надлежни министерства. Станува збор за глобална кампања која преку спортот испраќа порака за еднаквост, прифаќање и инклузија.
Претставници и атлети на Специјална Олимпијада Македонија заедно со делегацијата на Специјална Олимпијада Европа – Евроазија (SOEE) предводена од претседателот Свен Албрехт вчера во Владата имаа средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за спорт Борко Ристовски, а денеска беа гости и во Министерството за спорт.
На средбата министерот Ристовски истакна дека Министерството за спорт секогаш ќе стои зад ваквите иницијативи со единствена заложба – спортот да биде достапен за сите, без исклучок.
-Разговаравме за една исклучително важна иницијатива – воведување на Unified спортски активности во училиштата, со кои заедно ќе спортуваат ученици со и без попреченост. Оваа глобална кампања преку спортот испраќа силна порака за еднаквост, прифаќање и инклузија. Особено ме радува што оваа иницијатива доби целосна поддршка од Владата и што Македонија ќе биде дел од овие активности кои менуваат животи. Овие атлети, овие храбри луѓе, испраќаат порака што треба да ја слушне целото општество – различностите не треба да делат, туку да зближуваат, а ние треба да градиме солидарно општество и систем во кој секое дете ќе има еднакви шанси да биде прифатено, да има активен живот и да спортува без ограничувања – истакна Ристовски.
Специјална Олимпијада Македонија вчера во Скопје го организираше настанот „Спортуваме заедно“ со различни спортски активности за различни целни групи во кој беа вклучени и Unified спортски активности и дружење со атлетите со цел да се одбележи и да се потикне инклузијата.