Министерството за спорт, заедно со европските партнери на проектот ELEVATE-SS, на 26 ноември 2026 година ќе го организира Европскиот форум „EVERY FAN MATTERS“, посветен на унапредувањето на пристапноста и инклузијата во спортот, со посебен фокус на фудбалот и искуството на навивачите со попреченост.
Форумот ќе се одржи во Клубот на пратениците во Скопје, со почеток во 11:00 часот, и ќе обедини претставници на проектните партнери, фудбалски клубови, лиги, национални спортски федерации, јавни институции, организации на лица со попреченост, експерти за технологија, како и сите заинтересирани за развој на подостапна и поинклузивна спортска средина.
Во рамките на програмата, со значајни придонеси од партнерите CampusAI и LTT Sports, ќе бидат претставени современи пристапи и технолошки решенија за подобрување на искуството на навивачите со попреченост, од пристапот до билети, превозот и безбедносните процедури, до пристапноста на трибините, угостителските услуги, итните ситуации и безбедното напуштање на стадионот.
Посебен акцент ќе биде ставен на примената на вештачката интелигенција, дигиталното учење и интерактивните аватари, кои се развиваат во рамките на проектот ELEVATE-SS како современи алатки за обука на редарите, безбедносниот персонал, службите за продажба на билети и персоналот задолжен за угостителски услуги на спортските објекти.

На форумот ќе бидат споделени и лични искуства и сведоштва на лица со попреченост и спортисти, со цел нивните реални потреби и предизвици да бидат во центарот на дискусијата. Дополнително, ќе бидат презентирани можностите што ги нуди DisTech (технологија за лица со попреченост) за отстранување на бариерите и создавање подостапни услови за следење спортски натпревари.
Проектот ELEVATE-SS, финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+, има за цел да развие интерактивна дигитална програма за обука на персоналот во фудбалските клубови и стадионите, со што ќе се придонесе кон подобрување на пристапноста, безбедноста и целокупното искуство на навивачите со попреченост.
Европскиот форум во Скопје ќе биде можност за размена на знаења, искуства и добри практики, презентација на иновативни решенија и зајакнување на соработката меѓу спортските организации, институциите, експертите и организациите кои работат на унапредување на правата и можностите на лицата со попреченост.
Министерството за спорт останува посветено на создавање спортска средина во која секој има еднаква можност да учествува, да спортува и да биде дел од спортските настани. Пристапноста и инклузијата не се само прашање на инфраструктура, туку и на свест, знаење, соодветна организација и примена на современи технологии.
EVERY FAN MATTERS – затоа што секој навивач е важен, а спортот треба да биде достапен за сите!
Настанот е отворен за сите заинтересирани граѓани, спортски работници, организации, институции и експерти.
Заинтересираните учесници можат да го потврдат своето присуство преку следниот линк:
https://forms.gle/5pAE5aq6pB6XbAjGA
Агенда за настанот: