Министерот за спорт, Борко Ристовски денеска присуствуваше на одбележувањето на 34-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија, на централната свеченост што се одржа во Кампот за обука на вода во Охрид, во присуство на највисокиот воен и државен врв.
По повод 18 Август – Денот на Армијата, Ристовски упати честитка до припадниците на Армијата и до сите кои низ годините биле дел од македонскиот одбранбен систем.
„Денеска им оддаваме почит на луѓето кои ја избрале честа да ѝ служат на својата татковина.
Македонската Армија е создадена заедно со независна Македонија и повеќе од три децении е еден од столбовите на нашата државност. Генерации македонски војници ја носеле униформата со достоинство, професионалност и подготвеност да застанат во одбрана на државата и на нејзините граѓани.
Денес имаме современа Армија, рамноправен дел од НАТО, која се модернизира и се подготвува за новите безбедносни предизвици. Но технологијата и опремата се менуваат, а едно останува исто – човекот во униформа и неговата обврска кон државата, знамето и народот.
На сите припадници на Армијата, на ветераните и на семејствата кои стојат зад нив им го честитам 18 Август – Денот на Армијата.
Нека е вечна Македонија!
Честит Ден на Армијата!“