Министерот за спорт Борко Ристовски во интервјуто за спортскиот портал Екипа.мк се осврнува на повеќе теми за тоа што е сработеното досега во изминатите две години од формирањето на Министерството за спорт и што е во план за наредниот период. Ристовски во разговорот го истакнува тоа што е ставено како приоритет во програмата, каде ќе има најголеми промени и кои се реалните очекувања.
„Во изминатите две години се направи доста за спортската инфраструктура бидејќи наш став е дека без основа во спортот не може да се бараат резултати. Добро познато е, ги завршивме шесте базени што беа почнати, ја реконструиравме спортската сала „Расадник“ што е едно ремек-дело, потоа ги реконструиравме и салите во Радовиш, Ново Село…. направивме или реконструиравме над 40 мултифункционални игралишта… Да не ја заборавиме спортската сала во УКИМ која беше запоставена неколку години, сега и таа е во фаза на реконструкција. Почнавме и со сериозен зафат на реконструкција на салата во Велес, прво со средување на подтрибинскиот простор, соблекувални, ходници, тоалети, се комплетно… ова е почетната фаза, втората фаза е комплетна промена на подот и на осветлувањето, мислам дека првиот дел би требало да заврши до крајот на годината, а вториот дел до крајот на февруари, март, со што би се заокружила една инвестиција од околу 25 милиони денари, со што Велес конечно ќе добие спортска сала каква што заслужува бидејќи навистина е спортски град што треба да има модерен спортски објект“ – истакнува Ристовски.
Министерот за спорт образложи и какви се предвидувањата за наредната година во однос на буџет и средствата наменети за спортот.
„Оваа година преку субвенциите и оние средства кои доаѓаат преку игрите за среќа директно до клубовите и федерациите се пуштени преку 500 милиони денари, што е сериозна сума на пари. Ако споредиме со таканаречениот ваучер што го имаше претходната влада, тој беше околу 600 милиони денари, но со реална искористеност од околу 60%, што би значело дека од 600 милиони, не беа користени повеќе од 400 милиони денари годишно во македонскиот спорт. Ние го сменивме законот, средствата сега одат директно кај спортисти, клубови и федерации и ова е сумата што завршува на нивните сметки. Искрено, очекувам оваа сума да биде уште поголема во 2027 година. Не можам да тврдам со сигурност бидејќи се уште се водат разговори околу точните бројки за буџетот за наредната сезона, но очекувам сумата да е поголема бидејќи има една работа што не е од спортски аспект, но е од интерес за спортот. Видео лотарија на Македонија, тоа е веќе и јавно, прејде во сопственост на државата, што значи цел оној приход што го остваруваше од над 40 милиони евра на годишно ниво, тие пари ќе одат на конто на државата, а Министерството за спорт по закон е корисник на 3% од тие пари. Што значи, ако на сегашниот буџет од 300 милиони денари од игра на среќа, кога ќе ги додадете овие три проценти… кога на тоа ќе ги додадете и директните субвенции до клубовите и федерациите, верувам дека ќе дојдеме до една значително поголема сума. Сепак, ќе повторам, сето ова во моментов е релативно бидејќи сме во фаза на разговори околу точниот буџет за 2027 година“ – вели Ристовски.
Тој истакнува дека најважно е средствата кои државата ги издвојува за поддршка на спортот да одат на вистинското место, но потенцира и дека државата може да субвенционира и да помага, а не да биде стопроцентен финансиер на клубовите.
„Ние како држава не можеме да финансираме сѐ и сите спортови, ќе ги помагаме сите спортови, но не можеме да ги финансираме во целост. Верувам дека секој претседател на клуб или федерација со самата функција, има и одговорност да обезбеди дел од средствата на телото со кое раководите. Не може државата стопроцентно да финансира сѐ, ние сме тука за да ги финансираме федерациите во некои 80% од нивните буџети, но не можеме да ги финансираме и стопроцентно сите клубови во сите спортови.
Го гледаме моментното ниво на спорт, кое што е производ на начинот на финансирање во изминатите години и реалната слика е разочарувачка, што само по себе значи дека самото финансирање било погрешно. Затоа и направивме одредени промени, фокусот да биде на врвниот спорт, а сите останати да добиваат помош за основни услови на функционирање и за развој на млади категории. Веќе од следната година системот ќе биде поинаков, првите три или првите четири екипи, во зависност од спортот, ќе добиваат повисока сума, додека сите останати, од петто до десетто или до дванаесетто, ќе добиваат иста сума, како помош за основно функционирање. Секако, клубовите ќе треба да си работат и да најдат и соодветни спонзори во зависност од нивните амбиции и желби за подобри резултати. Не може 100% од буџетот да биде обезбеден од државата, сепак се тоа акционерски друштва што би кажало дека се приватни клубови, државата може да субвенционира, тоа значи да помага, а не да биде стопроцентен финансиер на клубовите. Јас сум поранешен спортист и знам колку се потребни средства за развој на спортот, но исто така знам и дека треба да се фокусираме каде ќе одат парите од државата, да се има соодветна контрола на парите што се трошат и мислам дека со фокусот на водечките екипи ќе направиме успех и тие екипи што ќе добиваат дополнителни средства ќе можат да ја претставуваат Македонија надвор во соодветните европски натпреварувања на едно повисоко ниво“ – посочува министерот за спорт.
Од она што е зацртано за реализација за наредната 2027 година, Ристовски како најважни ги издвои неколку капитални инфраструктурни проекти.
„Пред нас за 2027 година е сериозен инвестициски план со кој нивото на спортската инфраструктура на едно високо ниво. Главна алка за што ќе биде објавен јавниот повик кон крајот на оваа година, со работа ќе се почне кон крајот на годината, но големиот дел од работите ќе треба да се завршуваатво текот на следната календарска година. Една од клучните работи е завршување на базенот во Охрид, проект одолговлекуван 13 години, конечно се наредија една влада на ВМРО, па проектот застана под владата на СДСМ, па дојде друга влада на ВМРО за сега конечно оваа влада предводена од Христијан Мицковски со создавањето на Министерството за спорт да го стави потребниот акцент на спортската инфраструктура и да ги завршиме сите овие почнати, а недовршени проекти од минатото. Затоа, еве ексклузивно можам да најавам дека јавниот повик за базенот во Охрид ќе биде до крајот на годинава, со работа ќе се почне до крајот на годинава и Охрид конечно ќе го добие овој модерен објект што го заслужува.
Почнуваме и со изградби на спортски сали во Аеродром и во Крушево, уште една сала во Воената академија веќе е во завршна фаза и кон средината на наредната година и таа ќе биде завршена. Зацртано е и да биде извршена целосна реконструкција на спортската сала во Неготино, говориме за објект кој пред 4-5 години беше реконструиран од Агенцијата за млади и спорт, но таа е комплетно нефункционална. Тоа е жално, да мораме да реконструираме нешто што не така одамна било реконструирано и биле потрошени сериозни средства, за тоа ќе следат и кривични пријави…
Планот е да се реконструира целосно и спортската сала во Делчево, уште еден проект во тој дел од Македонија бидејќи сакаме да се обидуваме рамномерно да ја реконструираме спортската инфрастуктура низ целата држава.
Проектот долгоочекуван со реконструкција на спортската сала „Македонија“ во Прилеп, знаеме дека во овој град нема ниту една функционална сала… договорот со концесионерот е раскинат, таа сала ќе ја земе државата преку Министерството за спорт, ќе ја реконструира комплетно, тоа е еден сериозен проект од преку 150 милиони денари и Прилеп ќе добие една модерна сала што по реконструкцијата ќе ја предадеме на владеење на општина Прилеп.
Дел од планот е и реконструкција на салата „Парк“ во Струмица, која е во лоша состојба и која ќе биде санирана за струмичани да добијат спортски објект каков што заслужуваат.
Спортскиот комплекс Кале е една од убавите приказни на Скопје на која се сеќаваат повозрасните скопјани, тоа значи реконструкција на базенот на СРЦ Кале, кој да напоменам благодарение на оваа влада и на Министерството за спорт, договорот за концесија што го имаше дадено претходната влада на криминален начин, сега тој договор е раскинат и објектот е земен во владение на државата. Планот е базенот да биде реконструиран, на лизгалиштето во план е да се направат терени за тенис и падел, каде планот е се да биде ставено на располагање на народот за рекреација и за уживање, ова е уште еден плус за Скопје, но и за спортот во Македонија“ – истакнува Ристовски.
Целото интервјуто на министерот Борко Ристовски за „Екипа“ на следниот линк