Илинден нека продолжи да нè обединува преку спортот, заедништвото и позитивниот натпреварувачки дух, порача министерот за спорт Борко Ристовски кој денеска присуствуваше на Спортскиот фестивал „Илинден“ во Струга, каде што ги додели медалите на учесниците кои со својата посветеност, спортски дух и фер-плеј го одбележаа овогодишното јубилејно издание на фестивалот.
Ристовски истакна дека Спортскиот фестивал „Илинден“ претставува прекрасен пример како преку спортот се поврзуваат луѓето, се промовираат вистинските вредности и се создаваат нови генерации спортисти.
-Особено ме радува тоа што фестивалот годинава го одбележува својот мал јубилеј – пет години успешно ја негува спортската традиција и од локална иницијатива прерасна во препознатлив настан што обединува натпреварувачи, волонтери, семејства и љубители на спортот од целата држава. Иднината на македонскиот спорт се гради уште од најрана возраст, преку другарство, тимска работа, почит и фер-плеј - истакна министерот Борко Ристовски.
Посебно внимание на илинденскиот спортски фестивал во Струга привлече воведувањето на детските трки во пливање и веслање кои добија силна поддршка и симпатии од публиката и испратија силна порака и мотивација за најмладите спортисти.
Министерот Ристовски им честиташе на организаторите за успешната организација и нивната посветеност фестивалот од година во година да расте и да привлекува сè поголем број учесници и посетители.
Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите спортски манифестации кои придонесуваат за развојот на спортот, промоцијата на здравите животни навики и зајакнувањето на спортскиот дух и заедништвото меѓу граѓаните.