Министерот за спорт Борко Ристовски од трибините во „Јиске Банк Боксен“ арената во Хернинг, Данска ги бодреше македонските ракометари на денешниот втор натпревар на Европското првенство, во кој Македонија одигра нерешено со репрезентацијата на Португалија (29-29) и ги задржа шансите за пласман во втората фаза на континенталниот шампионат.

Ристовски кој во својата спортска кариера речиси две децении беше дел од ракометната репрезентација на Македонија, изрази поддршка за најуспешната селекција која од 2012 година во континуитет е присутна на големите натпреварувања, а годинава го бележи осмиот последователен настап на европските првенства.

Македонските ракометари по стартниот пораз од првиот фаворит во групата, домаќинот Данска, во вториот дуел со Португалија прикажаа голема борбеност и пожртвуваност и со пресврт во финишот успеаја да се изборат за нерешен резултат со кој остануваат во игра за пласман меѓу најдобрите 12 селекции што ќе играат во главната фаза на ЕП 2026 во Норвешка, Шведска и Данска.

Во последниот натпревар од групната фаза, Македонија на 20 јануари ќе игра против Романија. Исходот од овој дуел ќе биде решавачки за македонската репрезентација во борбата за место во завршницата на ЕП.