Младинскиот спорт добива европска димензија - Македонија стана дел од меѓународната платформа „Плазма Спортски игри за млади“

Младинскиот спорт добива европска димензија - Македонија стана дел од меѓународната платформа „Плазма Спортски игри за млади“

Младинскиот спорт во Македонија отвора ново поглавје со пристапувањето кон меѓународната платформа „Спортски игри за млади“. Денеска, во Владата на Република Македонија, официјално беше потпишан договорот меѓу претседателката на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, Елена Мицковска и претседателот на Плазма Спортски игри за млади, Здравко Мариќ со кој Македонија стана дел од оваа најголема младинска спортска манифестација во Европа што се одржува покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, кои имаат за мисија да ги поместат границите на младинскиот спорт.

На свеченото потпишување на договорот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски, меѓународниот тим на Игрите и високи претставници од политичката и бизнис заедницата, како и меѓународни претставници – поранешниот еврокомесар и актуелен амбасадор на Игрите, Јоханес Хан, како и евромесарот Магнус Брунер.  Меѓу гостите беа и истакнати спортски легенди кои се заштитни лица на Игрите – Славен Билиќ, Жељко Обрадовиќ, Предраг Мијатовиќ, Шиме Врсаљко и пријателите на Игрите од Македонија – Игор Ангеловски, Гоце Седловски, Петар Наумоски, Индира Кастратовиќ и Игор Стефановски-Иџе. Македонија со овој договор им се приклучи на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија во големото спортско семејство на „Спортските игри за млади“, манифестација која годинава прославува тридецениски јубилеј.

„Историски ден за нас, за прв пат Игрите по лиценциран модул доаѓаат во Македонија. Клучен момент беше поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски и од Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски во кои препознавме подготвеност и јасна поддршка игрите да дојдат во Македонија. Драго ми е што децата од оваа земја ќе имаат можност да го доживеат сето она што го носат Играат од локално и државно ниво, па сѐ до Меѓународната завршница во Сплит. Се радувам што Македонија стана дел од големата спортска заеднца и се надевам на долга и плодна соработка“ – потенцираше претседот на Плазма Спортските игри за млади, Здравко Мариќ.

Значајна улога во реализацијата на оваа иницијатива има Министерството за спорт, кое се јавува како главен поттикнувач и поддржувач на „ Плазма Спортски игри за Млади“ во Македонија.

„Со приклучувањето на Македонија кон меѓународната платформа испраќаме силна порака дека спортот му припаѓа на секое дете, во секоја средина. Овој проект значи жив спорт во училиштата, активни локални заедници, соработка меѓу институциите, федерациите и бизнис-заедницата и можност илјадници деца првпат да облечат дрес, да застанат на старт, да почувствуваат што значи да бидеш дел од тимот, да стекнуваат нови пријателства, да растат и да напредуваат. Упатувам благодарност до претседателот на Владата за поддршката и можноста Македонија да биде домаќин на еден ваков голем настан, на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, на меѓународниот тим на Игрите, на моите соработници во Министерството за спорт и на сите оние кои веруваа во оваа мисија. Министерството за спорт ќе биде силен и одговорен партнер, затоа што кога инвестираме во младите – инвестираме во иднината на Македонија“ – рече министерот за спорт Борко Ристовски.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека доаѓањето на „Плазма Спортските игри за млади“ во Македонија е синергија на два важни аспекти во заложбите на оваа Влада.

„Исклучително сум задоволен и чест ми е што сме дел од овој настан. Како Влада посветуваме големо внимание и вложуваме во младите и во спортот и особено ни е важно младите од најрана возраст да ги учиме и да ги воспитуваме дека иднината е во нив. Втората работа што е важна за нас како Влада е спортот. Пред неполни две години, при структуирањето на Владата го формиравме зМинистерството за спорт, заедно со министерот Борко Ристовски, полека но сигурно ги минавме првите предизвици и почнуваме да функционираме како институција која треба да биде главен промотор на спортот, не само во државата туку и во регионот. Со овој настан ние правиме синергија меѓу овие два приоритета на Владата – младите и спортот. Верувам дека достоинствено ќе го претставуваме овој проект и убеден сум дека младите коишто доаѓаат од тука ќе бидат достојни претставници на макеоднскиот спорт на завршните игри во Сплит“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

„Спортски игри за млади“ не е само спортски настан, тоа е можност децата да го доживеат спортот како безбедна и инспиративна средина, која промовира позитивни животни вредности, фер-плеј, соработка, здрав начин на живот, инклузија и зајакнување на општествените вредности, како мултикултура, толеранција и почит. Ваквата визија е и клучниот фактор за пристапувањето на Македонија во платформата.

„За Федерацијата за училишен спорт, ова партнерство претставува силна потврда дека училиштето е темелот на спортскиот развој, местото каде што се откриваат таленти, но уште поважно – место каде што се градат здрави навики, дисциплина, другарство и фер-плеј. Спортските игри за млади“ отвораат простор во кој секое дете има можност да учествува, да се почувствува прифатено и охрабрено, без разлика на резултатот. Токму таа инклузивност и позитивна енергија  се совпаѓаат со мисијата на училишниот спорт“ – истакна Елена Мицковска.

Покрај договорот за приклучување кон меѓународната платформа беа потпишани и спонзорски договори со долгогодишниот стратешки партнер на „Спортските игри за млади“ – „Бамби“, како и „Пивара“ АД Скопје.

„Плазма Спортските игри за млади веќе десет години се природно продолжение на нешто што го претставуваме како бренд - детска енергија, движење и заедништво. Затоа сме присутни онаму каде што растат децата, се дружат и учат низ игра. Особено ни е драго што Игрите годинава стартуваат и во С.Македонија, бидејќи секое дете што ќе добие шанса да учествува воедно ја шири важната порака - дека спортот треба да биде достапен за сите. Спортските игри за млади на децата им носат важни животни лекции - навика за активен живот, чувство на припадност кон тим и самодоверба што трае цел живот. Затоа веруваме дека ваквите иницијативи се вложување во создавање силни и поздрави заедници, а не само во спортот. Горди сме што Плазма е дел од овие први, мали, но многу важни победи“ - изјави Драган Стајковиќ, генерален директор на „Бамби“.

Генерален директор на Пивара АД Скопје, Огњен Лазиќ, ја истакна важноста и уникатноста на Спортските игри за млади кои ја промовираат идејата за спорт достапен за секое дете, бесплатно и без ограничувања.

„Големо задоволство е што заедно со Спортските игри за млади отвораме можност и младите во Македонија да станат дел од оваа значајна регионална спортска иницијатива. За нас во Пивара Скопје, ова партнерство е природен израз на нашата долгогодишна посветеност кон младите, кон заедницата и кон промоцијата на здрав и активен животен стил. Она што ги прави овие Игри навистина посебни е едноставната, но моќна идеја – секое дете да добие шанса да учествува бесплатно и без никакви ограничувања. Верувам дека многумина од овие млади, кои денес можеби ги прават своите први спортски чекори, утре ќе бидат наши шампиони – не само на спортските терени, туку и во животот. Спортот има моќ да нè обликува, да нè учи на дисциплина, тимски дух, истрајност и фер-плеј. Затоа сме искрено горди што сме дел од иницијатива што има толку силно и позитивно влијание врз нашата заедница. Во Пивара Скопје континуирано вложуваме во развојот на младите. Во последнава деценија, преку нашите програми и  Youth Empowered и Coke Summership над 10.000 млади добија бесплатна обука за животни и професионални вештини - инвестиција што создава генерации подготвени за иднината. Искрена благодарност сите партнери што заедно создававме и продолжуваме да создаваме средина во која секое дете има можност да расте, да се развива, да сонува и да го пронајде своето место“, потенцираше Огњен Лазиќ.

Платформата „Спортски игри за млади“ веќе 30 години организира спортски натпревари за деца од 6 до 18 години во кои досега учествувале над 3.440.000 учесници.

Натпреварувањето опфаќа десет спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Во Македонија натпреварите ќе се одржуваат во април, мај и јуни 2026 година преку 18 спортски денови во Охрид, Струмица, Битола, Тетово, Куманово, Штип, Кичево, Кавадарци, Прилеп, Кочани и Скопје, во неколку скопски општини (Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Сарај). Во нив ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци од регионалните натпревари ќе настапат на финалниот државен натпревар, а најуспешните потоа ќе ја претставуваат Македонија на Меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.

 

Изјави од амбасадорите и пријателите на Плазма Спортските игри за млади:

Жељко Обрадовиќ (кошаркарски тренер и амбасадор на Игрите): Чест и задоволство ми е што сум денеска во Македонија. На најдобар можен начин младите во Македонија влегуваат во европско друштво – преку дружење со врсниците. Младите се смислата на секое општество, а преку Игрите ние ги учиме на најважните вредности во животот.

Јоханес Хан (поранешен еврокомесар и амбасадор на Игрите): Благодарам за можноста да се вратам повторно во Македонија. Игрите се одлична можност за децата на оваа земја и преку нив правите инвестиција во младите. Спортот учи на решителност, посветеност и ангажираност. Ги поздравувам сите оние кои го поддржуваат и вложуваат во овој проект, се надевам дека Игрите ќе растат и ќе се шират затоа што инвестицијата во младите е инвестиција во иднината и инвестиција во развојот.

Магнус Брунер (еврокомесар и пријател на Игрите): Исклучително важен момент за Европската унија за која регионот е важен сегмент. Спортот не зближува и со премиерот Христијан Мицкоски делиме иста љубов кон спортот. Оваа платформа ги обединува младите и спортот, не учи на победи, позитивни вредности, но и како да се надминат предизвиците. Се прашував зошто овие Игри се толку важни – затоа што се отворени и достапни за сите, учат на толеранција, отворен ум, фер-плеј и совршен модел за Македонија, регионот и Европа. Продолжете да ја ширите идејата што повеќе низ Европската унија.

Мени за пристапност