Министерството за спорт е еден од потписниците на Декларацијата за намери за спречување на насилството меѓу младите, што беше презентирана денеска,16 јуни 2026 година, во Скопје, во рамки на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, предводена од Министерството за социјална политика, демографија и млади со поддршка на ОБСЕ.
Настанот потврдува дека спречувањето на насилството меѓу младите, во сите негови облици, останува врвен приоритет, вклучувајќи го врсничкото насилство, онлајн насилството, психолошкото и вербалното насилство, дискриминацијата, исклученоста и родово заснованото насилство.
Националната работна група за превенција на насилството кај младите, предводена од Министерството за социјална политика, демографија и млади, ги обединува Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за спорт кон една заедничка цел – да ја зајакнат соработката меѓу институциите, училиштата, полицијата, општините, младинските организации, граѓанското општество и младите.
Како претставници од Министерството за спорт на потпишувањето на Декларацијата присуствуваа државниот секретар, Сашо Огњеновски и Гордана Цекова, помошник раководител на сектор, одговорна за спроведување младински политики во Министерството за спорт.
Во своето обраќање, Огњеновски ја истакна важната улога на спортот во воспитувањето на младите и во градењето на вредности што претставуваат најсилна превенција против насилството.
„Спортот е една од најсилните алатки за градење на здрави вредности кај младите. На спортските терени младите учат дека успехот се постигнува со труд, дисциплина и почит кон другите, а не со агресија и насилство. Кога зборуваме за спречување на насилството кај младите, не зборуваме само за санкции и реакции, туку пред сè за воспитување и за градење на вредности и позитивни примери. Токму затоа спортот има незаменлива улога. Тој ги учи младите да ги почитуваат правилата, да го почитуваат противникот, тимот и различностите. Фер-плејот не треба да остане само спортски принцип, туку треба да биде животен принцип. Нашата цел е спортските терени да бидат места каде што младите ќе учат како да победуваат достоинствено, но и како да прифаќаат пораз без омраза и агресија“ - посочи Огњеновски.
Државниот секретар во Министерството за спорт нагласи дека со потпишувањето на Декларацијата, институциите преземаат заедничка одговорност за создавање безбедна и поттикнувачка средина за младите.
„Со потпишувањето на оваа Декларација ја потврдуваме нашата заедничка определба да создадеме безбедна и поттикнувачка средина за младите, во која спортот ќе биде простор за личен развој, градење карактер и позитивни животни навики. Министерството за спорт останува посветено на промоцијата на спортските вредности како важен дел од пошироките општествени напори за спречување на насилството кај младите и за изградба на општество засновано на почит, одговорност и солидарност“ - порача Огњеновски.
Отворајќи го настанот, амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи потребата од подобро координирана превенција:
„Насилството кај младите не е низа на изолирани инциденти без вистинска причина. Потребно е заедничко разбирање и делување. Од сите нас: родители, наставници, врсници, социјални работници, органи на прогонот, правосудството и други. Декларацијата што се потпишува денес претставува заложба за навремено делување, за подобро слушање и поефикасно координирање, за младите да можат да живеат ослободени од страв и насилство.“
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, ја подвлече важноста од институционалното водство и координираност:
„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, ја презедовме одговорноста да го предводиме процесот на создавање на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, првиот национален механизам кој системски и сеопфатно се занимава со ова прашање. Денешното потпишување на Декларацијата за намера претставува значаен чекор напред во нашата заедничка определба да изградиме побезбедна средина за секој млад човек во нашата држава. Нашата визија е јасна – општество во кое секој млад човек ќе се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Општество во кое различностите се почитуваат, конфликтите се решаваат преку дијалог, а насилството нема место ниту во училиштата, ниту на улиците, ниту во дигиталниот свет.“
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, рече дека низ годините наназад граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две е значително унапреден.
„Направивме законски измени согласно кои училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите“, рече Јаневска.
Потсети дека со приватниот сектор се подготвени прирачници за справување со врсничко и сајбер насилство, како и дека во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја истакна важноста на локалната безбедност, довербата и навремениот институционален одговор:
„Декларацијата за намери што денес ја потпишуваме поставува заедничка рамка за дејствување врз принципите на еднаквост, недискриминација, инклузивност, пристапност и активно учество на младите. Само преку силна меѓуинституционална соработка и навремена реакција можеме да создадеме побезбедна средина за младите – во училиштето, во заедницата и онлајн“, истакна Тошковски.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја нагласи потребата од зајакнување на дигиталната безбедност и заштитата на младите луѓе на интернет:
„Најдобрата заштита на младите не е забраната, туку едукацијата. Не можеме да ги отстраниме сите ризици од интернетот, но можеме да ги подготвиме младите да ги препознаат, да реагираат соодветно и да знаат каде да побараат помош. Затоа Министерството за дигитална трансформација работи на подигнување на свеста за безбедно користење на интернетот.“
Пратеничката Драгана Бојковска, координаторка на Клубот за младински прашања и политики, ја истакна важната улога на Собранието во унапредувањето на политиките насочени кон младите, зајакнувањето на меѓупартиската поддршка за спречување врсничко насилство, но и за тоа како безбедноста на младите да остане високо на институционалната агенда:
„Превенцијата на насилството кај младите не е обврска само на една институција, туку заедничка одговорност на целото општество. Како Собрание, остануваме посветени на креирање политики што ќе обезбедат безбедна средина и поддршка за секој млад човек, затоа што вложувањето во младите е вложување во стабилна иднина.“
Декларацијата утврдува заеднички активности кои опфаќаат безбедни простори и услуги за поддршка, едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, значајно учество на младите, како и посилна координација и отчетност меѓу институциите.
Преку својата континуирана поддршка за Националната работна група за превенција на насилството кај младите, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе соработува со националните институции, младинските организации и младите, со цел Декларацијата да се преточи во практични мерки и подоверливи системи за поддршка на младите.