Ристовски ги поздрави учесниците на Државното првенство на „Плазма спортските игри за млади – 600 млади македонски спортисти се борат за место во големото финале

Ристовски ги поздрави учесниците на Државното првенство на „Плазма спортските игри за млади – 600 млади македонски спортисти се борат за место во големото финале

Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска во салата „Расадник“ во Кисела Вода, ги поздрави учесниците на завршното државно првенство на кое 600 млади спортисти од четири региони, се борат за место на големото меѓународно финале  на „Плазма спортските игри за млади“ што ќе се одржи Сплит од 17 до 22 август. Натпреварите се одвиваат во десет дисциплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал (2015), баскет 3х3, ракомет, одбојка, одбојка на песок, народна топка, тенис, шах, пинг-понг и атлетика. 

Ристовски на отворањето на финалето истакна дека реализацијата на настанот претставува исполнување на заложбите државата да стане дел од овој голем меѓународен проект. Тој нагласи дека поддршката за вакви настани ќе продолжи бидејќи тие не се важни само поради резултатите, туку и поради вредностите што ги носат.

-Кога пред две години инициравме Плазма Спортските игри за млади да ги донесеме во Македонија, токму ова беше визијата што ја имавме. За ова сонувавме, за ова работевме и сакавме Македонија да стане дел од ова прекрасно спортско семејство. Мислам дека целта е постигната. Од година во година овој настан ќе расте и ќе се развива, а ќе привлекува сè повеќе деца и млади. Ние, како Влада и како Министерство, секогаш ќе ги поддржуваме ваквите настани, особено кога во нив се вклучени децата и најмладите. Затоа што не станува збор само за спорт и резултати. Искрено, многу помалку е важно кој победил, а кој загубил. Најважната вредност на Плазма Спортските игри за млади е тоа што децата учат вистински животни вредности. Учат дека победата не е единственото нешто што е важно, дека и поразите се лекција од која се расте и се станува посилен. Токму тие искуства утре ќе создадат здрави, одговорни и успешни личности, кои ќе придонесуваат за развојот на нашата држава - рече министерот за спорт, Борко Ристовски.

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајковска, нагласи дека е чест што Општината е домаќин на финалето. Таа посочи дека просторот на кој се одржуваат натпреварите бил целосно обновен во изминатата година како резултат на заедничка соработка меѓу институциите.

- Заедно, со поддршка на Владата, Министерството за спорт, Општината и Град Скопје, направивме нов почеток и создадовме услови за одржување вакви големи настани - истакна Стаменковска-Трајковска упатувајќи им порака на младите учесници да настапуваат тимски и да постигнат успеси и на меѓународната сцена.

Претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија,  Елена Мицковска, порача дека ваквите настани имаат пошироко значење од самиот спортски натпревар.

- Спортот е движечка сила и најголем амбасадор на една држава, а токму младите спортисти го докажуваат тоа. Целта е да се поттикнат ферплеј, толеранција и дружење и да се изберат најдобрите кои ќе ја претставуваат Македонија на финалето во Сплит - рече Мицковска.

„Плазма - Спортските игри за млади“ годинава првпат се одржуваат во Македонија, откако на иницијатива на Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, нашата земја стана дел од оваа најголема спортска младинска манифестација во Европа што се одржува под покровителство на Европската комисија, Меѓународниот олимписки комитет и други високи институции.Станува збор за манифестација што одбележува 30 години постоење и важи за едно од најголемите аматерски спортски натпреварувања во Европа, со главна мисија да обезбеди бесплатен спорт за секое дете. Освен Македонија, во игрите учествуваат и Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија.

Мени за пристапност