Ристовски му честиташе на Христијан Бузалковски за европската вицешампионска титула

Ристовски му  честиташе на Христијан Бузалковски за европската вицешампионска титула

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска оствари средба со македонскиот мотоциклист Христијан Бузалковски и му честиташе за освоеното второ место во генералниот пласман во ФИМ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Со освојувањето на европската вицешампионска титула, Бузалковски ја заокружи извонредната сезона во ова престижно натпреварување, постигнувајќи го најголемиот успех во историјата на македонскиот мотоциклизам.

Министерот Ристовски му упати честитки за успехот и за одличната сезона и истакна дека Министерството за спорт секогаш ќе го вреднува успехот и ќе биде поддршка за спортистите кои достојно ја претставуваат Македонија.

„Освојувањето на европската вицешампионска титула е голем успех за Христијан, но и за македонскиот мотоспорт. Ваквите резултати заслужуваат почит и поддршка. Како Министерство за спорт, ќе продолжиме да ги вреднуваме спортските достигнувања и да создаваме услови за развој на спортистите кои со својата работа и посветеност достојно ја претставуваат Македонија на меѓународната спортска сцена“ - истакна Ристовски.

Бузалковски се заблагодари за приемот и честитките, изразувајќи посебна благодарност за поддршката што ја добива од министерот Ристовски и од Министерството за спорт, која, како што истакна, има значајно место во неговиот натпреварувачки пат и во остварувањето на овој историски резултат.

Министерството за спорт и понатаму ќе продолжи да ги поддржува спортистите и спортските резултати кои придонесуваат за афирмација на македонскиот спорт на европско и на светско ниво.

Мени за пристапност