Министерот за спорт, Борко Ристовски, вечерва присуствуваше на 9. издание на Ракометниот Супер Куп на Македонија, што се одржа во Гевгелија, во организација на Ракометната федерација на Македонија.
Во натпреварот за првиот трофеј во новата ракометна сезона силите ги одмерија актуелниот шампион РК Вардар и финалистот во Купот на Македонија, РК Охрид.
РК Вардар ја потврди шампионската форма и со победата над РК Охрид во неизвесен дуел ја освои петтата титула во Супер Купот на Македонија. За вардарци ова е прв трофеј во новата сезона и продолжение на успешната традиција на клубот во ова натпреварување.
Двојниот европски првак воедно е и најуспешниот клуб во историјата на Супер Купот.
„Честитки за РК Вардар за заслужената победа и за освоениот петти трофеј во Супер Купот. Ова е одличен почеток на новата сезона и потврда за квалитетот и победничкиот карактер на тимот. На вардарци им посакувам успешна сезона како на домашната, така и на европската сцена во Лигата на шампионите. Честитки и за РК Охрид за прикажаната борбеност и одличниот натпревар. Верувам дека и оваа сезона ќе донесе квалитетен и конкурентен македонски ракомет“ - порача министерот Борко Ристовски.
Министерството за спорт останува силен партнер и поддржувач на македонскиот ракомет и на сите спортски колективи кои придонесуваат за развојот и афирмацијата на македонскиот спорт.