Ристовски за „Слободен печат“: Продолжуваме со инвестиции во спортската инфраструктура и нов модел на финансирање во спортот

Ристовски за „Слободен печат“: Продолжуваме со инвестиции во спортската инфраструктура и нов модел на финансирање во спортот

Новиот модел на директно државно финансирање на спортот, неправилностите при трошењето на буџетските средства и инвестициите во спортската инфраструктура, реконструкција и изградба на повеќе спортски објекти низ Македонија беа дел од темите за кои министерот за спорт, Борко Ристовски, говореше во интервјуто за „Слободен печат“.

Состојбата со спортската инфраструктура беше една од главните теми во интервјуто. Ристовски истакна дека во Македонија постојат сериозни проблеми со спортските објекти, но истакна дека Министерството веќе реализирало и започнало со изградба на повеќе инфраструктурни проекти. Меѓу нив ги наведе реконструкциите на спортските сали во Расадник, во Скопје и во Ново Село, потоа изградбата на атлетска патека во Велес и започнатата изградба на спортска сала во рамките на Воената академија во скопската општина Аеродром.

– Динамиката на понатамошните инфраструктурни инвестиции ќе зависи од финансиските можности на државата и капацитетите за реализација на најавените проекти – нагласи министерот.

Министерот најави и реконструкција на спортската сала во Делчево, завршување на олимпискиот базен во Охрид и изградба на нов спортски комплекс во Гази Баба, чиј почеток е планиран за 2028 година. Посебно внимание посвети на спортската сала „Македонија“ во Прилеп, каде што, според него, административните пречки и концесискиот договор го одложувале почетокот на реконструкцијата.

– Постигнат е договор за раскинување на концесискиот однос. Ќе биде објавен јавен повик за реконструкција на салата до крајот на годината – рече Ристовски.

Во интервјуто министерот ја претстави и идејата за изградба на спортски центар во Крушево, кој би им овозможил на македонските клубови и репрезентации подготовките да ги реализираат во земјава. Според пресметките што ги наведе, околу еден милион евра се одлеваат надвор од Македонија поради подготовките што спортските организации ги организираат во странство.

 

Видеоинтервјуто на министерот Борко Ристовски за „Слободен печат“ на следниот линк:

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Борко Ристовски: Македонија нема доволно пари за да ги финансира сите спортови - Слободен печат

Мени за пристапност