Скопје денеска пулсира во ритамот на 22. Виз Ер Скопски маратон, кој годинава обедини повеќе од 15.000 учесници од 63 земји од целиот свет.
Стартот на маратонот го означи министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, испраќајќи порака дека спортот ги поврзува луѓето, ги надминува границите и создава позитивна енергија која се пренесува низ целиот град.
„Скопскиот маратон е голем спортски настан кој го става Скопје и Македонија на светската спортска мапа. Илјадниците учесници од десетици земји денеска испраќаат силна порака дека спортот обединува, мотивира и инспирира.
Како Министерство за спорт, заедно со Владата, остануваме силен партнер на спортот и на настаните кои го промовираат активниот и здрав начин на живот и ја афирмираат нашата држава. Затоа и годинава стоиме зад Скопскиот маратон и ќе продолжиме да поддржуваме настани кои носат спортска енергија, ги мотивираат граѓаните да бидат активни и го промовираат Скопје пред светот“ - истакна министерот за спорт.
Ристовски упати честитки до сите учесници, организаторите, волонтерите и сите кои придонесуваат Скопскиот маратон да прерасне во препознатлив меѓународен спортски настан.
„За секој што денеска е на патеката, најважен е сопствениот предизвик. Трчајте со срце, уживајте во трката и бидете горди што сте дел од оваа голема спортска приказна“ - порача Ристовски.
Министерството за спорт останува посветено на поддршката на спортските настани кои придонесуваат за развојот на спортот, промоција на активниот живот и меѓународна афирмација на Македонија.
На годинешното 22.издание на Скопскиот маратон се трчаат четири трки – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка.