Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска го пречека македонскиот боксер Ален Рустемовски и му честиташе за историскиот успех и освоениот бронзен медал на Европското сениорско првенство во Софија, Бугарија.
Рустемовски со три последователни победи стигна до полуфиналето во категоријата до 60 килограми и го обезбеди бронзениот медал за Македонија.
Со овој резултат Македонија повторно има европски медал во сениорски бокс, прв пат по 2008 година кога Вели Мумин освои бронза на Европското првенство во Ливерпул.
Согласно Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија, со освоениот бронзен медал на Европското првенство Рустемовски влегува во категоријата „Спортист од светска категорија“, со што се стекнува со право на паричен надомест од државата во висина од две просечни плати во период од четири години.
Со трите победи и бронзениот медал на ЕП, Рустемовски се стекнува и со право на највисокото Национално спортско признание што се доделува на македонските спортисти за врвни спортски остварувања по навршување на 40-годишна возраст.
„Ален покажа дека Македонија има боксер за големата европска и светска сцена. Овој медал е резултат на огромна работа, дисциплина и карактер и претставува потврда дека младите македонски спортисти имаат квалитет за најголеми натпреварувања. Како Министерство за спорт, наша обврска е да стоиме зад нив, да ги препознаеме нивните резултати и да создадеме услови тие да продолжат да напредуваат. Ален заслужено добива нов статус како Спортист од светска категорија, а со него и конкретна државна поддршка. Му честитам за историскиот резултат и му посакувам уште поголеми успеси“ - истакна министерот Ристовски.
Минатата година Министерството за спорт го прогласи Ален Рустемовски за најдобар млад спортист, признание кое тој го оправда со новиот голем успех на европската сцена.
Бронзата од Софија е второ големо одличје за Рустемовски во период од неполн месец. Претходно тој освои бронзен медал и на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
Ова е историски успех за македонскиот бокс бидејќи Ворлд бокс е органзација преку која се обезбедува учество на Олимписките игри. Со овој резултат кој му носи 300 рејтинг поени, Рустемовски се наметнува и како кандидат за учество на Олимпијадата 2028 година во Лос Анеџелес.
Министерството за спорт останува посветено на поддршката на македонските спортисти кои со своите резултати го афирмираат македонскиот спорт на најголемите меѓународни натпревари.