Македонија, како дел од европската иницијатива за промоција на спортот и физичката активност - European Week of Sport (EWoS), и оваа година активно ќе учествува во имплементација на проектот преку активности што ќе се организираат од 23 до 30 септември 2025 година.
Со низа настани, спортски и рекреативни активности, земјата ќе се приклучи во одбележувањето на 10-годишнината од започнувањето на најголемата европска кампања за промоција на спортот.
Европската недела на спортот и годинава опфаќа бројни активности прилагодени за сите возрасти со цел да се пренесе пораката за здрав и активен живот и да се истакне огромната придобивка што ја носи физичката активност и здравиот животен стил.
Отворањето на настанот е утре, 23 септември 2025 година, во 17.00 часот во ОУ „Кочо Рацин во Скопје“. Првиот дел од програмата ќе биде одбележан со атлетски трки за сите возрасти, велосипедски трки, тимски спортови и игри, забавна програма, фитнес и рекреативни работилници, активности за деца и семејства.
Вториот настан во рамките на Европската недела на спортот 2025 ќе се одржи на 26 септември на Средно Водно (17.30-21.00 часот) и ќе опфати отворени спортски станици со тренинг зона, натпревари во баскет 3х3 и фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно.
Активностите ќе бидат заокружени на 27 септември со настанот BeActiv Night на Кеј Македонија во Охрид (17.30-22.00 часот) со натпревари во баскет 3х3, ракомет, пинг-понг и стрелаштво, фитнес и аеробик зона, доделување на награди и прогласување на победниците.
Оваа година е особено значајна во реализацијата на проектот бидејќи се одбележува една декада од оваа инцијатива на Европската комисија која инспирира илјадници луѓе да бидат активни и да ја почувствуваат енергијата на спортот и на заедништвото.
Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти.