Поддршка за ММА спортот - Министерот Ристовски оствари средба со македонските ММА репрезентативци

Поддршка за ММА спортот - Министерот Ристовски оствари средба со македонските ММА репрезентативци

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со претседателот на Македонската ММА федерација, Ивица Алексовски и со македонските ММА борци, Марко Трајановски и Даниела Алексовска кои остварија победи на неодмнешниот спектак – Арммада 14 што се одржа во Скопје под генерално покровителство на Министерството за спорт.

-Уште еднаш им честитам на нашите ММА борци за извонредните настапи на големиот спектакл – Арммада 14, прв ваков настап што се одржува во Македонија по повеќе од 15 години. Воедно, на нашата репрезентативка Даниела Алексовска и посакувам успешен настап на претстојното СП во Тбилиси – рече министерот Борко Ристовски.

Само две недели по нејзиниот полупрофесионален настап и победа на Арммада - 14, Алексовска ќе настапи на Светското ММА првенство што ќе се одржи од 27 септември до 2 октомври во Тбилиси, Грузија и ќе се бори во категорија до 52.2 кг. На Светско првенство во Тбилиси ќе настапат повеќе од 600 регистрирани спортисти од целиот свет.

Даниела Алексовска моментално е рангирана на третото место во светот во нејзината категорија, благодарение на нејзините врвни настапи изминатата година.

-Ова ќе биде продоложение на настапите. Презадоволни сме од настанот што го организиравме во Скопје заедно со српската агенција Арммада, прв по 15 години. Настанот го направивме на највисоко ниво благодарение на поддршката од Министерството за спорт без која ова не ќе беше можно да го реализираме – рече претседателот на Македонската ММА федерација, Ивица Алексовски упатувајќи благодарност за поддршката.

На ММА спектаклот Арммада-14 во Скопје, македонските претставници Даниела Алексовска, Марко Трајановски и Костадин Георгиевски остварија големи победи и покажаа дека Македонија има борци со кои може да се гордее. А, македонската публика имаше ретка можност поблиску да се запознае со овој спорт кој бележи голем подем.

Мени за пристапност