Министерот за спорт Борко Ристовски денеска, заедно со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, официјално го пуштија во употреба реконструираниот спортски центар во овој град.
Реконструкцијата на спортскиот центар е реализирана од страна на Министерството за спорт како еден од проектите за унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за физичка активност и рекреација на граѓаните.
Реконструираниот спортски центар во Свети Николе опфаќа: кошаркарско игралиште со современ полипропиленски под, фудбалско игралиште со ист тип на подлога, трибина и фитнес зона опремена со современи реквизити.
-Овој центар е уште еден доказ дека вложуваме конкретно и рамномерно во спортската инфраструктура во сите делови на Македонија. Нашата цел е секој млад човек, секоја заедница, да има пристап до квалитетни услови за спорт и рекреација. Токму затоа во изминативе месеци посебно се фокусираме на унапредување, односно изградба и реконструкција на спортската инфраструктура - изјави министерот Борко Ристовски.
Овој проект е дел од пошироката стратегија на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортски објекти низ целата држава, со цел да се поттикне развој на македонскиот спорт и промоција на здрави животни навики кај граѓаните, особено кај младата популација.