Базенот во Карпош предаден на користење на Националната пливачка федерација – нов чекор за развој на пливањето

Базенот во Карпош предаден на користење на Националната пливачка федерација – нов чекор за развој на пливањето

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска присуствуваше на примопредавањето на базенот кај спортската сала „Наум Наумовски - Борче“ во Карпош, од Општина Карпош  на Националната пливачка федерација (НПФ) која во иднина ќе биде одговорна за управувањето, функционирањето и организацијата на активностите во овој спортски објект.

Договорот за примопредавање на објектот го потпишаа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и претседателот на НПФ, Сашо Лазаревски.

Станува збор за објект кој започна да се гради од поранешната Агенција за млади и спорт, но беше оставен недовршен. Со поддршка од Владата, Министерството за спорт обезбеди средства за негова доизградба, а во јуни годинава новиот објект беше предаден на владение на Општина Карпош.

Со предавањето на базенот на НПФ се прави значаен исчекор кон воспоставување нов модел на управување со спортската инфраструктура во кој националните спортски федерации ќе имаат активна улога во управувањето со спортските објекти, со цел нивно поефикасно користење и создавање подобри услови за развој на спортот.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека пливањето е меѓу приоритетите на Министерството и на Владата, нагласувајќи дека соработката со локалната самоуправа и Националната пливачка федерација е важна за враќање на овој спорт на местото што го заслужува.

„Министерството за спорт, во соработка со Општина Карпош и со претседателот на , оди чекор понатаму, со цел пливањето да го вратиме онаму каде што заслужува – да биде еден од спортовите што се приоритет на оваа Влада и на Министерството за спорт.

Во таа насока е и овој чекор, со кој за првпат Националната пливачка федерација ќе стопанисува со базени. За почеток, станува збор за два базена. И за другите базени, кога ќе ги довршиме, ќе најдеме соодветен договор со градоначалниците за и тие да ѝ бидат предадени на НПФ. Федерацијата ќе добие и финансиска поддршка од Министерството за спорт и од Владата, за да може правилно да стопанисува со овие објекти и тие да бидат максимално искористени за развој на пливањето.

Нашата заложба е спортските објекти што ги гради државата да бидат стопанисувани од националните федерации кои имаат квалитет и капацитет тоа успешно да го реализираат“ - истакна министерот Ристовски.

Министерството за спорт, со поддршка од Владата и во соработка со општините и националните спортски федерации, продолжува со инвестиции во спортската инфраструктура и со создавање услови за поголема искористеност на спортските објекти, развој и унапредување на спортот во Македонија.

Мени за пристапност