Министерството за спорт ја информира јавноста дека Владата на Република Македонија на денешната седница ја усвои точката со која oвозможува продолжување и конечно завршување на изградбата на затворениот базен во Охрид – капитален спортски проект чија реализација започна уште во 2015 година.
Станува збор за еден од најзначајните спортски инфраструктурни проекти во Охрид, кој речиси 11 години стои незавршен. Во изминатиот период се сменија три влади, но проектот не беше доведен до својата конечна реализација.
По преземањето на надлежностите, Министерството за спорт пристапи кон темелна анализа и ревизија на состојбата на проектот, со цел да се утврдат сите технички, финансиски и административни пречки кои со години го оневозможуваа неговото завршување.
Како резултат на спроведената ревизија, Министерството презеде конкретни чекори за надминување на затекнатите проблеми, меѓу кои и неопходната измена на основниот проект, со што се создаваат услови изградбата конечно да продолжи.
За целосно завршување на затворениот базен во Охрид се обезбедени 470 милиони денари.
Со ова, по повеќе од една деценија неизвесност и застој, еден од најголемите спортски инфраструктурни проекти во државата добива јасна перспектива за конечно завршување.
Министерството за спорт уште нема да дозволи затекнатите проблеми да бидат причина капиталните објекти да останат незавршени и активно работи на изнаоѓање конкретни и одржливи решенија за проектите кои со години стоеле во место.
Затворениот базен е инвестиција од огромно значење не само за Охрид, туку и за развојот на пливачките спортови во целата држава. Неговото завршување ќе обезбеди современи услови за тренинг на спортистите, развој на младите категории, организирање натпревари и дополнително унапредување на спортската инфраструктура во градот.
Министерството за спорт изразува благодарност до Владата на Република Северна Македонија и до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за поддршката и за јасната определба за инвестирање во спортот и спортската инфраструктура.