Честитки за супериорниот старт на Светското училишно првенство во ракомет Скопје 2026 - Министерот Борко Ристовски ги посети македонските ракометни надежи

Честитки за супериорниот старт на Светското училишно првенство во ракомет Скопје 2026 - Министерот Борко Ристовски ги посети македонските ракометни надежи

Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска ги посети младите македонски ракометари и ракометарки кои настапуваат на Светското училишно првенство во ракомет, што се одржува во Скопје (21-29 април), во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија.

Базата на македонската делегација е во хотел „Континентал“, каде министерот Ристовски им упати честитки за одличниот старт и им посака да продолжат во ист ритам и со уште поголема самодоверба во следните натпревари.

Машката и женската училишна репрезентација на Македонија се дел од училишниот ракометен мундијал на кој настапуваат над 600 натпреварувачи од 20 земји во светот.

Македонските репрезентации стартуваа супериорно, со по две убедливи победи во првите две кола на шампионатот.

Машката селекција предводена од селекторот Горан Кузманоски, славеше против Бугарија (33-18), а потоа и против Грузија (46-13), со сигурна и доминантна игра во двата натпревари.

Избраничките на селекторката Даниела Новеска Вељаноска, на стартот беа поуспешни од репрезентацијата на Белгија (34-12). Со вториот убедлив триумф против Грузија (45-13), македонските ракометарки веќе обезбедија пласман во четвртфиналето на Светското училишно првенство.

Министерот Ристовски изрази задоволство од прикажаната игра, енергија и тимски дух, истакнувајќи дека овие млади спортисти се вистински амбасадори на македонскиот спорт и и светла иднина на македонскиот ракомет.

Мени за пристапност