Со свечена церемонија и дефиле на учесниците на Плоштадот Македонија во Скопје, вечерва беше отворено Светското училишно првенство во ракомет, кое од 21 до 29 април ја позиционира Македонија како центар на младинскиот ракомет во светот. На првенството учествуваат над 700 млади ракометари и ракометарки од 21 земја.
Настанот се реализира во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија и на Министерството за спорт.
Светското училишно првенство за отворено официјално го прогласи претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова.
На свеченото отворање се обрати и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој истакна дека станува збор за настан од исклучително значење за развојот на младинскиот спорт и за афирмација на вистинските спортски вредности.
-Како министер за спорт и поранешен ракометар, особено сум горд што Македонија е домаќин на ваков значаен меѓународен спортски настан и што токму овде, во Македонија можеби за прв пат ќе блеснат некои идни ракометни ѕвезди.Тоа е јасен сигнал дека се движиме во вистинска насока – спортот сè повеќе станува дел од животот на младите, а ваквите настани се најдобра мотивација за нив. Овде не се натпреваруваат само најдобрите, туку се создаваат нови пријателства, се градат вредности како фер-плеј, почит и тимска работа, кои остануваат за цел живот - порача Ристовски.
Министерот за спорт додаде дека ваквите настани претставуваат силен поттик за младите да се вклучат во спортот и да ги развиваат своите потенцијали, нагласувајќи дека државата ќе продолжи да инвестира во развојот на спортот и младите генерации.
Светското училишно првенство во ракомет е еден од најголемите меѓународни спортски настани за млади спортисти организирани во земјава, кој покрај спортската димензија, придонесува и за зајакнување на меѓународната соработка и промоција на Македонија како успешен организатор на големи спортски настани.
На првенството учестуваат 21 екипи во машки и 16 во женска конкуренција, а натпреварите ќе се играат во шест спортски сали низ Скопје – СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“.
Машка кадетска репрезентација на Македонија ќе игра во групата А заедно со Република Српска, Грузија, Бугарија и Саудиска Арабија, а натпреварите од оваа група ќе се играат во салата „Македонско сонце“ во населба Пролет.
Женска кадетска репрезентација на Македонија натпреварите во групата Ц во која се уште и Белгија, Грузија и Словачка ќе ги игра во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба.