Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, денеска официјално го пуштија во употреба реконструираниот спортски центар „Блок 70“, кој претставува современо уреден простор наменет за спорт, рекреација и унапредување на здравите животни навики.
Со оваа инвестиција, локалното население, а особено младата популација, добива комплетно уреден спортски комплекс кој опфаќа детско игралиште, фудбалско игралиште, кошаркарско игралиште со полипропиленски под, како и фитнес зона опремена со современи реквизити.
Реконструкцијата на спортскиот центар „Блок 70“ во Тетово е уште еден успешно реализиран проект на Министерството за спорт, во рамки на програмата за изградба и обнова на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел создавање квалитетни и достапни услови за спорт и рекреација за сите граѓани.
Министерот Ристовски ја истакна добрата соработка со општините, особено со општина Тетово, во реализацијата на овие проекти на Министерството за спорт кои имаат за цел да го направат спортот и физичката активност дел од секојдневието на граѓаните, особено на младата популација.
-За државата и за општините е многу важно да има што повеќе вакви спортски терени на кои младите ќе спортуваат и ќе се дружат. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе се залагаме да градиме здрава младина со вистински вредности што ги промовира спортот – рече Ристовски.
Министерството за спорт и понатаму останува посветено на вложувања во спортската инфраструктура во сите општини во државата, со јасна заложба спортот да биде достапен за сите, во секој град и во секоја населба.
Видео од пуштањето во употреба на реконструираниот спортски центар „Блок 70“ во Тетово на следниот линк: