Интервју на министерот Борко Ристовски за МИА: Не можеме да креираме успеси во спортот, но можеме да создадеме услови за развој на таленти и подобри спортски резултати

Интервју на министерот Борко Ристовски за МИА: Не можеме да креираме успеси во спортот, но можеме да создадеме услови за развој на таленти и подобри спортски резултати

За само година и половина, Министерството за спорт направи сериозни реформи – од наследена институција на ниско ниво до поставување темели за европски стандарди, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски во интервјуто за МИА. Како главни приоритети за 2026 година Ристовски ја најави подготовката на нов закон за спорт, инвестиции во инфраструктура и транспарентно финансирање на клубовите. Преку директни субвенции и нови механизми за поддршка, според него, се создаваат услови за развој на таленти и подобри спортски резултати. Тој вели дека ова е процес што не дава резултати преку ноќ, но првите чекори се видливи, а целта е јасна: повеќе можности за спортистите и трајни вредности за македонскиот спорт.

– За активен период од една година, година и пол на Министерството за спорт, направивме огромни поместувања во сите сегменти на неговото функционирање. Сите сме свесни дека ова беше институција која навистина беше на многу ниско ниво. Институција во која и вработени и раководни лица сè уште се под обвинение. Така што, после година и пол можам да кажам дека направивме огромни поместувања во тоа како треба да функционира една институција. Дали недостига уште многу за да стигнеме до европски стандарди? Да, меѓутоа ова е само почеток и мислам дека од година во година ќе одиме сè повисоко на скалилото на она што значи услуга и давање можност и на спортот и на сите овие луѓе кои што сакаат да се рекреираат и професионално да се занимаваат со спорт, изјави министерот.

Низ целиот овој период забележавме коментари дека повеќе успеси имаме во спортската инфраструктура отколку на терен. Кој е вашиот коментар за ова?

-Со жалење мораме да признаеме дека таа констатација е точна. Резултати во изминатите години, освен поединечни блесоци, немаме, што е поразително за една спортска нација како Македонија. Тоа се должи на системот кој со години функционирал и кој ние сега сакаме да го реформираме. Реформа која значи вистинска поддршка и вложување во млади, талентирани спортисти, реформа која значи вложување во вистински спортските клубов или спортските субјекти, како сакате, и вложување во спортската инфраструктура која, најнапред, треба да ги обезбеди потребните услови за да може еден спорт да се развива и да бараме врвни резултати. Без инфраструктура не може да барате и да очекувате врвни резултати, и токму тоа е процесот или реформите кои ги започна Министерството за спорт. Мислам дека тоа не е процес кој може да даде резултати преку ноќ, меѓутоа, драго ми е што се забележува и во јавноста дека спортската инфраструктура ги прави првите чекори на промените во спортот или реформите во спортот. Сигурен сум дека за неколку години од сега ќе видиме многу повеќе успеси и во индивидуалните и во колективните спортови, пред сè, затоа што ќе создадеме повеќе услови за да се зголеми квантитетот и да можеме да имаме поголем избор, а спортските екипи и субјекти да имаат поголем избор при селекција на талентирани деца и на кадрите генерално, за да можеме да одиме едно скалило погоре и да постигнуваме уште поголеми резултати на спортски план.

Дел од реформите е и новиот закон за спорт. До каде е донесувањето на законот и што конкретно тој ќе донесе?

-За една година и половина постоење на Министерството за спорт не можеме сите работи паралелно и одеднаш да ги завршиме, нов закон за спорт е доста сериозна работа. Во тој правец, ангажиравме нов советник од Факултетот за физичка култура, кој ќе раководи или ќе биде дел од тимот што ќе го работи новиот закон за спорт, заедно со вработените во Министерството за спорт. Ќе направиме анализа, се прават веќе компаративни анализи со државите во регионот – како изгледаат нивните закони за спорт – да ќе ги прилагодиме на законите кои се во Република Македонија, за да направиме закон кој пред сè ќе биде во интерес на спортот и неговиот развој. Затоа што ако беше добар Законот за спорт, спортот немаше да стагнира и да не оди напред. Тоа е една од причините, а друг сегмент е финансирањето во спортот. Со новиот закон ќе биде опфатено и тоа. Кога ќе биде готова првата верзија на законот, ќе се направи јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите чинители во општеството, за да ги слушнеме нивните предлози и да видиме дали можат да се инкорпорираат во нашите замисли. Потоа законот ќе биде ставен на гласање, и сигурен сум дека ќе значи голем пробив за македонскиот спорт.

Дали можеби до следната година ќе го имаме новиот закон за спорт?

-Јас се надевам дека до крајот на следната година ќе ја имаме нацрт-верзијата, затоа што навистина е сложена материја која бара посветеност, добра анализа, компаративни анализи. Не е само да се направи нов закон за спорт, па потоа повторно да се менува како што е сегашниот закон, кој е менуван повеќе од 50 пати. Меѓутоа, работиме со тоа што го имаме. Капацитетот во овој момент на Министерството е ограничен, но како што кажав, не сум тип на човек кој сака да се жали. Никогаш во оваа година и пол не сум излегол во јавност да се пожалам дека немаме кадар или средства. Се бориме со тоа што го имаме, така сум навикнат низ целата моја кариера и живот, и генерално сега како министер се трудам да биде така. Можеби ако бевме министерство со 200 вработени, ќе беше побрзо, меѓутоа ние сме министерство со 50-60 вработени и мора јавноста да сфати дека навистина капацитетот е лимитиран, меѓутоа верувам дека до крајот на следната година ќе имаме нацрт-верзија, па да видиме понатаму.

Последните десетина дена актуелен беше најавуваниот бојкот на кошаркарските екипи кои изразија незадоволство поради недобивањето на финансиска помош од државата. Вие и пред вашето назначување кажавте дека Министерството финансиски ќе им помага само на екипите кои настапуваат на реномирани меѓународни натпреварувања. Дали се решени недоразбирањата со кошаркарските екипи и дали сѐ уште постои опасност од прекин на првенството?

-Бојкотот кој што беше најавуван беше најавуван од мала група на клубови со нивни лични амбиции и работи кои што сакаат да ги постигнат. Меѓутоа, имавме состанок, јас ги кажав ставовите на Министерството, на Владата, на државата. Не е точно дека субвенциите не се исплатени, тоа е апсолутно невистина. Вистината е дека субвенциите од 440 милиони денари Министерството за спорт ги исплати уште во април. Меѓутоа, сега станува збор за средства кои евентуално требаше да се доисплатат – уште околу 120-140 милиони денари – за да ја заокружиме бројката од 600 милиони денари. Но, никој не го напоменува тоа дека покрај исплатените 440 милиони денари субвенции, Министерството за спорт за прв пат пронајде нов начин за финансирање на клубовите, а тоа е преку игрите на среќа или лотариските игри. До сега тие пари не одеа директно во клубовите, а сега направивме тие средства да одат директно во клубовите. Тоа е сума од околу 300 милиони денари – мислам дека е повеќе, но да не згрешам – околу 300 милиони денари, што заедно со субвенциите дава вкупна бројка од 740-750 милиони денари директни субвенции во спортот.

Наместо претходно со ваучери да им даваме на спортските субјекти парче хартија за да одат да го менуваат по компании и фирми, сега обезбедивме директни средства. Тоа го направивме во рамки на измените на Законот каде што го променивме системот на функционирање и веќе клубовите и спортските субјекти добиваат директно пари од Министерството за спорт, а не парче хартија за ваучери. Тој дел на некои клубови им беше нејасен, но верувам дека сега им се разјасни работата. Не може да се функционира под притисок – барем не во ова време, не со Министерството за спорт, не со оваа Влада, не со мене како министер. Мислам дека притисоците треба да се користат за други, попродуктивни работи, а не за тоа дали некој ќе настапува или не. Проблемот е решен и сигурен сум дека ќе имаме плодна соработка и работа понатаму.

Дали сметате дека е најден начинот за фер распределба на средствата?

-Дали е идеален системот? Можеби не е идеален, секој има некоја забелешка, што е легитимно. Меѓутоа, од претходната прераспределба која се правела по избор на четири луѓе да се соберат во канцеларија и да одредуваат кој колку субвенција ќе има – за што имаше и обвиненија – овој пат се прави по систем. Систем на кој не можам ниту јас да влијаам, ниту кој било друг од вработените во Министерството за спорт, што за мене е голем напредок. Дали е идеално? Не постои идеална работа. Затоа ова е првиот чекор. Следната година ќе одиме со поинаков чекор, ќе направиме други промени, да ги согледаме негативностите кои нашиот систем ги донел и да еволуираме за да одиме чекор понапред кон најдобар можен систем на финансирање кој ќе може да го применува Министерството за спорт.

Кои се вашите приоритети за 2026 и како коментарите за повеќе успеси во инфраструктура ќе ги насочиме кон повеќе успеси на терен?

-Министерството за спорт не може да креира успеси во спортот. Успесите ги креираат федерациите, клубовите, тренерите. Ние сме тука да направиме услови што е можно подобри за тие луѓе да можат да работат и да создаваат успеси. Мислам дека имаме повеќе приоритети. Еден од нив е донесувањето на новиот закон за спорт, подобрување на спортската инфраструктура, обезбедување на средствата или субвенциите од државата на вистински начин и со тоа да стимулираме што е можно повеќе спортски резултати. Но, повторно, ние не можеме да креираме успеси – не сме креатори на спортските резултати – меѓутоа можеме да ги поддржиме вистинските спортисти, вистинските клубови, да направиме нов закон за спорт, да изградиме спортска инфраструктура која ќе остане како трајна вредност во општеството. Тоа се главните приоритети на ова Министерство, заедно со подигнување на стандардите на неговото функционирање.

Први на меѓународната сцена во новата година ќе се појават македонските ракометари. Тие на Европското првенство ќе играат во група со домаќинот Данска, Португалија и Романија. Со оглед на вашето спортско минато како професионален ракометар, која е пораката што ќе им ја пратите на нашите репрезентативци и кои се вашите очекувања?

-Веќе во јануари ќе има натпревари кои што сум сигурен дека ќе ја обединат нашата нација во поддршката за нив. Резултати не можам јас како министер да барам, можам само да посакувам. Тие мои желби ќе ги задржам за себе. Она што е важно е што можам да порачам на сите, не само на ракометарите што настапуваат, а тоа е секој да даде 100 проценти од себе. Тоа е многу поважно од тоа дали ќе направите резултати или не. Важно е секој ден, на секој тренинг, на секој натпревар да се даде 100 проценти. Резултатите некогаш ќе бидат подобри, некогаш полоши, меѓутоа македонскиот народ, гледачите, навивачите – сите ние – ќе го видиме тоа вложување од и мислам дека тоа е поентата на спортот. Генерално, секогаш да дадете сè од себе и да се обидете да бидете подобри од вчера. Доколку тоа го направите, секогаш ќе ја имате нашата поддршка – и од народот и од навивачите – порача министерот Борко Ристовски.

https://www.youtube.com/watch?v=UToqOn7GkuQ

Мени за пристапност