Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска официјално ги пуштија во употреба реконструираните спортски игралишта во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Министерството за спорт одговори на барањето на студентите и заедно со Општина Карпош ја реализира најавената инвестиција со која е извршена комплетна санација и реконструкција на просторот за спорт и рекреација во најголемиот државен студентски дом.
Со оваа инвестиција, студентите добија современо уредени игралишта за фудбал и кошарка со полипропиленски под, изведени според современи стандарди.
Министерот Ристовски ја истакна добрата соработка на Министерството за спорт со локалната самоуправа во реализацијата на овие инфраструктурни проекти кои овозможуваат активен и здрав живот на сите граѓани, особено на младата популација.
- Ова е уште една реконструкција на мултифункционално игралиште во рамките на нашата акција за овозможување и создавање на услови за сите што сакаат да спортуваат и да се рекреираат. Ја утврдивме потребата на студентите да имаат едно вакво уредено место каде што ќе може да спортуваат и да се рекреираат и ние со задоволство излеговме во пресрет и го реализиравме овој проект. Упатувам благодарност до Општина Карпош и со директорот на СД „Гоце Делчев“ за одличната соработка во реализацијата на овој проект и за можноста заедно да направиме едно ваков спортско рекреативен простор каде ќе може да спортуваат и да градат вистински вредности - истакна Ристовски.
Министерот Борко Ристовски и градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски заеднички се согласија дека успешната соработка меѓу локалната самоуправа и ресорното министерство ќе продолжи и во иднина, со тоа што ќе се работи на подобрување на севкупната спортска инфраструктурна мрежа на територијата на Општината.
Реконструкцијата на спортските игралишта во СД „Гоце Делчев“ е уште еден реализиран проект од програма на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел подобрување на условите за спорт, рекреација и активен начин на живот.
За подобрување на условите за универзитетскиот спорт и за студентите, Министерството за спорт ја почна и постапката за реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје што ја спроведува во соработка со ректоратот на УКИМ. Реконструкцијата на салата на УКИМ треба да биде завршена во текот на наредната година и таа одново ќе биде ставена на располагање на над 4000 студенти за спроведување на наставата и за одржување на други спортски активности.
Видео на следниот линк: