Треба да се направат многу промени ако сакаме македонскиот спорт да оди напред, порача министерот за спорт Борко Ристовски во новогодишното интервју во поткастот „Пресинг“ на порталот Екипа.мк . Ристовски ги сумираше резултатите во реализацијата на зацртаните цели на Министерството за спорт и ги најави плановите за наредната 2026 година.
-За неполни две години направиме многу промени во делот на тоа како треба да изгледа спортот. Сигурен сум дека во наредните години ќе биде видливо сето она што сме го сработиле во техничкиот и во организацискиот дел и мислам дека за 2-3 години ќе биде видливо и низ призма на создавање и овозможување на идеални услови за спортот да може да се развива. Кога се почнува, не од нула, туку од од минус две или три скалила, ако не и повеќе, сигурно дека работата е далеку потешка. Но, ние како министерство и јас како министер никогаш не сме се жалеле и сигурен сум дека од година во година работите ќе одат во нагорна линија, не само организациски, туку и резултатски, затоа што еден од нашите приоритети е создавање на услови за спортот да може да се развива – истакна Ристовски.
Министерот за спорт како втор приоритет го посочи носењето на нов Закон за спорт, а трет сегмент, исто така многу важен, е насочување на финансиската поддршка, односно државните субвенции во спортот на вистински начин. Во план е изготвување на нов систем на распределба на субвенциите за поддршка на спортот во кој резултатите ќе бидат единствено мерило за тоа кој ќе добива финансиска помош од државата.
-Не се мали средствата што ги вложува државата во спортот. Откако сум јас министер во изминатава година и пол, во спортот директно се вложени околу 20 милиони евра. Овие средства треба да бидат еден сериозен инпут за нешто што треба да продуцира резултати и успех. На годишно ниво исплатени се 440 милиони денари како државни субвенции и уште 350 милиони денари од игрите на среќа, што не се мали пари. Помошта од државата за следната година ќе се движи во истите рамки, околу 700 милиони денари. Но мора да се смени начинот на кој се распределуваат овие средства биејќи парите распределени на овој начин не носат резултати. Ние како Министерство за спорт работиме интензивно на измени и подобрување на тој систем по кој треба да функционира субвенционирањето во спортот – рече Ристовски.
Тој истакна дека плановите за наредната година се насочени кон тоа да се направи спортот поуспешен, да се создадат подобри услови за спортистите и да се поддржат оние кои продуцираат резултати и се вистински промотори на Македонија и на македонскиот спорт на меѓународна сцена.
Интервјуто на министерот Борко Ристовски за Екипа.мк на следниот линк: