Министерот за спорт Борко Ристовски првиот ден од новата 2026 година го почна со работна посета на Кавадарци. Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев изврши увид во изградбата на спортско рекреативниот објект – базен од затворен тип финансиран од Министерство за спорт со поддршка од Владата, во износ од 45 милиони денари, чија изградба подолг период беше во застој. Дел од овој спортско рекреативен објект во кој ќе биде изграден и СПА центар, е проект финансиран од Владата, во рамките на втората фаза од АА Програмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа за изградба и реконструкција на инфраструктурни проекти.
-Ова е еден убав почеток на годината, работен почеток на сѐ она што Владата на Република Македонија, и преку Министерството за спорт и преку другите ресорни министерства, го вложува во локалните самоуправи. Тоа е СПА центарот којшто денеска го најави градоначалникот Митко Јанчев и базенот којшто беше почнат пред повеќе години, а сега веќе добива една поинаква слика и јас сум сигурен дека до крајот на август ќе биде завршен и ќе биде предаден на Општина Кавадарци. Сите граѓани ќе можат да ги почувствуваат бенифитите од оваа инфраструктурна инвестиција, особено сите оние дечиња кои ќе учат пливање, што ќе биде и главна дејност на базенот. Објектот чини 45 милиони денари плус ДДВ, пари кои се обезбедени директно од Министерството за спорт со поддршка од Владата. Додека, СПА центарот е проект финансиран од АА Програмата на Владата преку Министерството за спорт, за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – рече министерот Борко Ристовски
За изградба и реконструкција на спортска инфраструктура во двата повици на Владата од АА Програмата за капитални дотации беа одобрени вкупно 36 проекти во над 20 општини.
-Оваа 2026 година ќе биде една градежна експанзија во сите сегменти на живеењето, секако и во делот на спортската инфраструктура како многу важен, ако не и најважен сегмент во функционирањето на спортот и на создавање на услови за спортот да може да се развива и да бараме резултати – нагласи Ристовски.
Заложбата на Министерството за спорт е спортот да биде достапен за сите, особено за младата популација, во секој град и во секоја општина во државата. Во таа насока, посебен акцент во програмата на министерството е ставен на изградбата и на реконструкцијата на спортската инфраструктура како основа за развој на спортот и создавање на услови за активен и здрав живот на граѓаните.