Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ прераснува во Супер Куп – Ристовски: Министерството за спорт секогаш ќе биде поддршка за ваквите настани

Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ прераснува во Супер Куп – Ристовски: Министерството за спорт секогаш ќе биде поддршка за ваквите настани

Педесет години да организирате ваков турнир е навистина импозантна бројка и ние како држава, како Министерство за спорт и како Влада секогаш сме тука да дадеме поддршка, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски, на денешната прес-конференција во најава на јубиленото 50.издание на еден од најстарите и најконстантните турнири во календарот на Одбојкарската федерација на Македонија, меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, што ќе  се одржи утре, 7 октомври, во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, во организација на семејството на одбојкарската легенда, Хаџииљоски и на Одбојкарската федерација на Македонија со поддршка од Министерството за спорт.

Турнирот од оваа година добива и ново значење Супер куп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.

Јубилејното издание беше најавено со прес-конференција во просториите на Министерството за спорт, кој е традиционално најголем поддржувач на меморијалот. На средбата со медиумите присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и потпретседателот на ОФМ и син на одбојкарската легенда, Ивица Хаџииљоски.

Организаторите му доделија благодарница на министерот за спорт, Борко Ристовски за поддршката на одбојката и на овој традиционален турнир.

„Особено ми е драго што последниве години имаме одлична соработка со раководството на Одбојкарската федерација на Македонија и сите оние работи што ги правиме заеднички за раздвижување на одбојката добиваат некој нов терк и одбојката во Македонија повторно зема замав. Овој турнир и давањето на значење тој да биде и Супер Куп на Македонија е само уште една потврда дека Одбојкарската федерација има план заедно со семејството Хџииљоски во интерес на одбојката и на одржување на традицијата. Педесет години да организирате ваков турнир е навистина импозантна бројка и ние како држава, како Министерство за спорт и како Влада секогаш сме тука да дадеме поддршка и да помагаме за сѐ  што можеме да излеземе во пресрет. Вакви настани и вакви љубилеи на покажуваат само еден Супер Куп, туку покажуваат нешто многу повеќе, покажуваат посветеност на смеејството, љубов кон одбојката и кон спортот. Ние како Министерство за спорт и јас лично како поранешен спортист и сега како министер за спорт, знам да го ценам тоа и секогаш ќе бидам пријател на луѓето кои се вистински љубители на спортот. Утре Тетово нека биде градот каде што ќе се случуваат убави работи, каде што ќе се промовира одбојката и Македонија како држава во која се промовира спортот и вистинските вредности“ – истакна министерот Борко Ристовски.

Јубилејното 50.издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во име на организаторите го најави потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски.

„На мое огромно задоволстово, дојдовме до 50. јубилејно издание на турнирот. Големо задоволство за мене е што годинава турниот е во Тетово каде што изворно почна да се одржува, меѓутоа последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на одбојкарските репрезентации на Македонија и турнирот се одржуваше на различни места. Оваа година заедно со претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и со генералниот секретар, Филип Деспотовски договоривме, турнирот од оваа година па понатаму да биде официјално и Супер Куп на Македонија. Овој турнир што го правиме во чест на мојот покоен татко ќе биде официјално и Супер Куп на Македонија и секогаш ќе се одржува пред почетокот на сезоната. Овој турнир е со огромна традиција, на него учествувале многу репрезентации, многу клубови и се надевам дека и годинава ќе присуствуваме на квалитетни натпревари меѓу најквалитетните екипи во Македонија во машка и во женска конкуренција“ – рече Ивица Хаџииљоски.

ОФМ се гордее што е една од ретките Федерации која може да се пофали со еден ваков голем јубилеј и константност на еден настан во својот календар.

„Самата импозантна бројка кажува сѐ. Турнир со голема традиција и додадена вредност во спортот. Најдобро за тоа говорат сите екипи и играчи кои во изминативе 50 години биле дел од овој турнир. На последното Европско првенство имаше тројца-четворица одбојкари кои настапувале на турнирот, а сега се едни од носителите на играта во своите репрезентации и најдобри играчи на светот, а претходно биле наградувани и на овој турнир“ - истакна Петар Јовановски, претседател на ОФМ.

„Чајка“ Супер куп програмата ќе стартува со машкиот натпревар меѓу освојувачот на двојната круна, Штип УГД и финалистот во првенственот плеј-оф и Купот, ГОК Борец, во 17 часот, додека женскиот Супер куп дуел меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот 2026, ЖОК Вардар ЕМ, е закажан за 19:30 часот.

Влезот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово ќе биде слободен, а организаторите испратија покана до сите љубители на спортот и одбојката да бидат дел од овој јубилеј.

Мени за пристапност