Министерот Борко Ристовски ги испрати македонските каратисти на ЕП во Германија

Министерот Борко Ристовски ги испрати македонските каратисти на ЕП во Германија

Министерот за спорт, Борко Ристовски денеска оствари средба со македонските каратисти и со раководството на македонската карате репрезентација пред нивниот настап на претстојното Европско првенство во Франкфурт- Германија што ќе се одржи од 20 до 24 мај 2026 година.

-На нашите најдобри каратисти им посакувам успешен настап на Европското првенство со максимална посветеност и силен тимски дух. Верувам дека тие достоинствено ќе ја претставуваат Македонија на европската сцена и ќе не израдуваат со добри резултати – истакна Ристовски.

Министерството за спорт целосно ќе го покрие настапот на нашата А сениорска репрезентација во карате на претстојното Европско првенство во Германија.

Со овој чекор јасно се покажува дека Министерството секогаш ќе биде на страната на спортот и целосно ќе го поддржува афирмирањето на А селекциите на највисоките европски и светски натпреварувања.

Од Карате федерацијата на Македонија не го криеја задоволството од ваквата одлука на министерот Ристовски и истакнаа дека успешната соработка со Министерството за спорт ќе продолжи и во иднина, а македонските каратисти со гордост ќе ја претставуваат Македонија на сите врвни натпреварувања.

Во знак на добрата соработка, селекторот на македонската карате репрезентација на министерот Ристовски му врачи спортска опрема која е спонзорство за А селекцијата на КФМ од  општествено одговорната фирма Лома Спорт .

На ЕП во Германија ќе настапат 600 натпреварувачи од 50 земји. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 16 каратисти, девет во женска и седум во машка конкуренција.

Селекторот Александар Кузмановски го објави индивидуалниот и екипниот состав што ќе ја претставува Македонија. Во женска конкуренција ќе настапат: Ива Пецевска (-50 кг), Михаела Мишовска (-55 кг), Вероника Костовска (-61кг),Ера Коџа (-68 кг),Ердона Зибери (+68 кг). Сите пет каратистки ќе настапат и во тимска конкуренција.

Машкиот состав го сочинуваат: Недим Шакири (-60 кг),Матеј Белистојански (-67 кг), Љупчо Михајлов (-75 кг), Реџеп Рушити (-84 кг),Стефан Стојановиќ (+84 кг). Во тимските борби ќе настапат и Мурсељ Мисими и Филип Стојанов.

Селекторот во ката, Стојан Андриевски, соопшти дека во индивидуална конкуренција  во оваа дисциплина ќе настапи Владанка Аврамова, а екипно заедно со неа во составот ќе бидат и Данка Стојкова и Сара Трпковска.

Селекторите на денешната средба со министерот Ристовски истакнаа дека подготовките на сениорската репрезентација за претстојниот настап се одвивале во одлична атмосфера, со максимална посветеност, дисциплина и мотивираност на репрезентативците и стручниот тим и очекуваат успешен настап во конкуренција на најдобрите каратисти во Европа.

Мени за пристапност