Министерот за спорт Борко Ристовски денеска присуствуваше на свеченото одбележување на 190-годишнината од формирањето на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на одбележувањето на 20 Мај – Денот на пожарникарството.
Во рамките на свеченоста што се одржа во противпожарната станица во Автокоманда, беше пуштено во употреба и реновираното спортско игралиште.
-Пожарникарите се вистински херои кои секојдневно, храбро и несебично се грижат за безбедноста на граѓаните. Нивната посветеност и пожртвуваност заслужуваат најголема почит. Особено ми е драго што во рамките на денешната свеченост беше пуштено во употреба и реновираното спортско игралиште, современо уреден простор кој пожарникарите ќе може да го користат за спортски активности и рекреација – рече Ристовски.
Од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, на министерот Ристовски му беше доделена плакета во знак на благодарност за поддршката и добрата соработка.