Во врска со изјавите и обвинувањата упатени од страна на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, Министерството за спорт смета дека јавноста заслужува целосна и прецизна информација за вистинската состојба со спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош во Скопје.
Упатуваме јасна порака до градоначалникот Јакимовски да не се обидува да ја прикрие својата неспособност да управува со спортската сала со некакви „протести“ и изјави кои изобилуваат со навреди, наспроти фактот дека цела година не успеал да ја стави салата во функција, иако тој го потпишал примопредавањето на реконструираниот објект со извршен технички прием.
Наместо спортската сала во која се вложени државни пари за нејзина реконструкција да биде ставена во функција на спортистите и на граѓаните, жителите на Карпош добиваат изговори, навреди и обиди за манипулација со јавноста.
Дали и зад овие обиди за манипулација на јавноста не стојат некои бизнис зделки по кои градоначалникот е добро познат и за кои веќе има судска одлука?
Упатуваме јасна порака до жителите на општина Карпош дека може да бидат мирни. Спортската сала „Наум Наумовски Борче“ ќе биде санирана, сите оштетувања настанати бидејќи салата цела година стои затворена, ќе бидат отстранети и таа ќе биде пуштена во употреба, односно ќе биде ставена на располагање на граѓаните и на спортските субјекти.
Државата, преку Министерството за спорт, постапи одговорно.
Оваа спортска сала е во државна сопственост и државата одлучува кому ќе му биде дадена на користење, односно ќе биде одземено тоа право доколку не се испочитувани обврските од договорот. Кога утврдивме дека објектот не е ставен во функција речиси една година, инициравме процес на враќање со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните.
Тоа ќе се случи. Салата ќе биде санирана, безбедна, опремена, функционална и повторно достапна за сите граѓани – токму така како што заслужуваат.
Во меѓувреме, Министерството за спорт јавно го прашува градоначалникот Стевчо Јакимовски:
Дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит?
Дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата?
Дали е вистина дека постоел план тој лично да користи дел од објектот?
Дали е вистина дека планирал во салата да му биде партискиот штаб за локалните избори?
Наместо со прес-конференции полни со празни фрази и обвинувања, очекуваме одговори и отчетност. Граѓаните на Карпош имаат право да знаат зошто една готова, реконструирана сала за која се потрошени 1.3 милион евра државни пари, стоела затворена, и што всушност било планирано да се случува во неа.
Министерството за спорт останува посветено на транспарентност и одговорност во работата во интерес на граѓаните и на спортот, а не на политички игри и лични агенди.