Министерството за спорт најостро ги отфрла тенденциозните и неосновани обвинувања на СДСМ и на нивниот претставник Панче Милевски, кои се уште еден обид за политичка манипулација и дефокус од вистинските резултати што ова Министерство ги постигна во првата година од своето постоење.
Да ги потсетиме СДСМ и Милевски дека двајца нивни поранешни директори на Агенцијата за млади и спорт имаат кривични обвиненија за проневера на пет милиони евра државни пари. Ги прашуваме СДСМ и Милевски од каде го црпат интегритетот да обвинуваат кога тие го доведоа спортот на најниско ниво.
Можеби од „успесите“ што ги имаа нивните кадри?
Милевски очигледно го боли фактот што токму тој не бил избран во Спортската академија, па сега тврди дека талентираните млади кошаркари останале без професионални тренери. Бидејќи очигледно само тој се идентификува со таа позиција.
Дали вистинската причина за оваа прес-конференцијата прес конференција е токму неостварената желба на сегашниот претседател на Комисијата за спорт на СДСМ, Панче Милевски и неисполнетите критериуми за да стане тренер во Спортската академија?
Во иднина, ги замолуваме во СДСМ, доколку сакаат навистина да дадат сугестии што ќе бидат во интерес на спортот и на спортистите, да најдат некој посериозен кадар којшто има барем елементарно познавање од спортот и од тоа како функционира буџет, ребаланс на буџет. Наместо да лиферуваат лаги, нека проверат подетално и нека видат дека буџетот за спортот е двојно зголемен од времето кога тие беа на власт.
За само една година, Министерството за спорт реализираше повеќе конкретни проекти и системски реформи отколку што беа направени во претходните седум години тапкање во место. За прв пат, воведовме правичен модел на распределба на средства базиран на резултати и реални потреби, а не на партиски или пријателски врски – практика која беше доминантна токму во времето кога СДСМ беше на власт.
Средствата се насочени кон масовниот спорт, поддршката на младите таленти и капитални инвестиции во инфраструктурата, што претходно целосно недостасуваа.
Министерството не е „градежна фирма“, туку институција што конечно започна да го гради она што не беше ниту планирано, ниту започнато седум години по ред. И она што беше почнато и оставено недовршено како руина како „историските“ пет базени што ги почнале пред пет години и ги оставиле . Вложуваме во услови, во иднина, во шанса за секој спортист – од младинец до врвен професионалец.
Во делот на транспарентноста, Министерството за спорт го објави Правилникот за годишната програма и годишниот извештај за користење на средствата од надоместоци за спорт за 2025. Распределба на средства по федерации и клубови е достапна за јавноста, а новите програми на Министерството за спорт се транспарентно презентирани пред јавноста и сите спортски субјекти. Обвинувањата дека не постојат правилници се целосно неточни – сите документи се достапни и доставени до релевантните институции.
Најавуваме дека до крајот на годината ќе следи нов пакет поддршка за клубовите и федерациите, а со новиот модел на финансирање, секоја потрошена јавна пара ќе биде јавно објавена и образложена.
Крајно е лицемерно токму оние кои со години го урнисуваа спортот и ги користеа клубовите и спортските федерации за политичка промоција и за лична корист , денес да зборуваат за транспарентност и да „продаваат“ голема загриженост за спортот.
На спортот му е доста од ваквите СДСМ-овски „душегрижници“.