Министерството за спорт продолжува со инвестициите во спортската инфраструктура. По тригодишен застој продолжува изградбата на базенот во Струмица, почнат и оставен недовршен од претходната власт.
Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, денеска изврши увид во градежните работи на базенот. Констатирано беше дека работите се одвива според планот и дека базенот ќе биде завршен во предвидениот рок до крајот на јануари 2027 година.
Ристовски ја истакна заложбата на Владата и на Министерството за спорт да се завршат сите почнати проекти кои биле претходно неоправдано запоставувани и тие да бидат ставени во функција на граѓаните.
-Денес со гордост можеме да објавиме дека она што беше започнато во 2023 година и оставено да се акумулира 3 години ќе продолжи да се гради со забрзано темпо, што значи дека до крајот на јануари базенот ќе биде завршен и предаден на општина Струмица. Ова е уште една потврда за нашата решеност да ги завршиме сите проекти започнати од претходната влада пред многу години и да го подобриме квалитетот на живот на сите оние кои сакаат да се занимаваат со спорт и рекреација. Станува збор за инвестиција од 50 милиони, која е целосно обезбедена од Владата на Република Македонија и Министерството за спорт. Инвестициите во спортска инфраструктура се еден од нашите приоритети – изјави министерот Борко Ристовски.
Откако ќе биде завршен и пуштен во употреба, базенот ќе биде предаден на општина Струмица и ќе биде ставен на располагање на учениците и на граѓаните. Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков ја истакна добрата соработка и упати благодарност до Министерството за спорт за реализацијата на овие важни инфраструктурни проекти.
-Голема благодарност до Министерството за спорт за реализацијата на досегашните проекти и за проектите на кои ќе работиме заедно во иднина. Овој базен ќе може да го користат учениците, спортистите и сите граѓани и ќе биде од голема важност за развојот на спортот во нашиот град – рече Јанков.
Базенот во Струмица е еден од објектите кои беа почнати од поранешната Агенција за млади и спорт и потоа со години беа оставени недовршени и запуштени. Министерството за спорт минатата година го откочи проектот со цел базените да бидат изградени и ставени во функција на граѓаните како еден од приоритетите во програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава.