Ристовски на отворањето на Плазма Спортските игри за млади: Спортот не е привилегија – спортот е право на секое дете!

Ристовски на отворањето на Плазма Спортските игри за млади: Спортот не е привилегија – спортот е право на секое дете!

„Како Министерство за спорт, нашата политика е јасна - спортот не е привилегија, спортот е право на секое дете, без разлика од кој град доаѓа, какви услови има или какви соништа носи“, порача министерот за спорт Борко Ристовски на денешното свечено отворање на Плазма Спортските игри за млади на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
На иницијатива на Министерството за спорт со поддршка од Владата и во соработка со Федерацијата за училишен спорт, Македонија годинава официјално се приклучи на платформата „Плазма Спортски игри за млади“ со што се отвора ново поглавје во развојот на младинскиот спорт. Оваа најголема младинска спортска манифестација во Европа веќе 30 години организира спортски натпревари за деца од 6 до 18 години во кои досега учествувале над 3.440.000 учесници.
-Плазма Спортските игри за млади се можност секое дете да почувствува што значи да се биде дел од тим, да научи што е фер-плеј и да изгради карактер кој ќе го води низ животот. Затоа, денеска не зборуваме само за игри, зборуваме за систем и за вложување во младите, во инфраструктурата, во училиштата, во локалните заедници.Зборуваме за држава која одлучила да гради здрави генерации – рече Ристовски.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред присутните истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува спортот и младите генерации.
-Спортувајте, другарувајте, учете, затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија - порача Мицкоски.
На настанот, кој обединува над 27.000 деца од целата држава, беа најавени натпревари во разни спортски дисциплини на локално, регионално и државно ниво. Најуспешните млади спортисти ќе обезбедат пласман на меѓународното финале во Сплит, каде што ќе се натпреваруваат со врсници од регионот.
Натпреварувањето опфаќа десет спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Во Македонија натпреварите ќе се одржуваат во април, мај и јуни 2026 година преку 18 спортски денови во Охрид, Струмица, Битола, Тетово, Куманово, Штип, Кичево, Кавадарци, Прилеп, Кочани и Скопје, во неколку скопски општини (Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Сарај). Во нив ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци од регионалните натпревари ќе настапат на финалниот државен натпревар, а најуспешните потоа ќе ја претставуваат Македонија на Меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.
Македонија со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, кои веќе ги имаат имплементирано Игрите. Истовремено, Македонија, креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата како во домашни рамки, така и на регионалната спортска сцена.
Свечениот почеток на Плазма Спортските игри за млади во Македонија беше означен со палење на пламенот на плоштадот од факелот што го носеа истакнатите македонски спортисти, Дарио Ивановски и Игор Стефановски Иџе.

Мени за пристапност