Признание за траен придонес во спортот – доделени наградите „8 Септември“

Признание за траен придонес во спортот – доделени наградите „8 Септември“

Министерството за спорт, на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, денеска ги врачи државните наградите „8 Септември“ за посебни остварувања во областа на спортот. Доделена е награда за животно дело и четири еднократни награди за остварувања во спортот.

-Ми претставува огромна чест и задоволство денеска да ги доделам овие награди за особен придонес и остварувања во спортот, кои се апсолутно заслужени. Ме радува што од година во година доделувањето на оваа награда прераснува во голема и значајна манифестација. Им честитам на сите добитници, оваа награда е пример како треба да се претставува спортот и државата, да се промовираат вистинските вредности и да биде мотив за сите идни добитници, спортисти и спортски работници – порача министерот Борко Ристовски на свеченото доделување на наградите.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план му припадна на проф.д-р Јошко Миленкоски, истакнат македонски одбојкар, универзитетски професор, долгогодишен одбојкарски тренер и актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација.

Миленкоски како тренер предводеше врвни клубови и репрезентации во Македонија, Турција, Грција, Тунис и Црна Гора, освојувајќи шампионски титули, национални и суперкуп трофеи, како и учества во елитни европски натпреварувања.

Како универзитетски професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автор на пет книги и повеќе од 100 научни трудови, активен учесник на меѓународни конгреси и член на Македонскиот олимписки комитет и на Македонскиот антидопинг комитет, проф.  д-р Јошко Миленкоски остави траен белег во развојот на спортот и образованието.

Во 2016 година беше одликуван како спортски амбасадор, активно придонесувајќи за меѓународната промоција и афирмација на Македонија и на македонскиот спорт.

-Оваа година е година во која го прославувам својот јубилеј – 50 години во одбојката, без ниту еден ден прекин во мојата кариера. Над 10.000 тренинзи, повеќе од 2.000 натпревари, повеќе од 100 натпревари со македонската одбојкарска репрезентација на највисоко европско и светско ниво, повеќе од 100 објавени научни и стручни трудови, неколку книги по одбојка во Македонија и во странство, па сѐ до улогата на селектор и спортски амбасадор на Македонија, мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Победував, но и губев, освојував многу трофеи и награди и признанија, повеќе од 50 медали и трофеи на национално и меѓународно ниво. Сето тоа претставува мој заеднички успех со клубовите и репрезентациите кои ги водев. Вложив многу труд и љубов во својата работа, а одбојката, мојата љубов и нашата сакана Македонија ми вратија многу повеќе. Денеска е најголемиот ден во мојот спортски живот и со огромна чест и длабока благодарност ја примам наградата за животно дело за остварувања во областа на спортот. Ова не е признани само за мојот спортски пат, туку е и признание за сите генерации спортисти, тренери и спортски работници со кои имав чест да соработувам во изминативе пет децении – истакна Миленкоски.

Државна еднократна награда „8 Септември“ за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).

Мени за пристапност