Реализиран уште еден проект на Министерството за спорт – Во Штип пуштен во употреба новиот базен

Реализиран уште еден проект на Министерството за спорт – Во Штип пуштен во употреба новиот базен

Министерството за спорт успешно реализира уште еден инфраструктурен проект. Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска го пушти во употреба новиот базен од затворен тип, еден од базените кои беа почнати од поранешната Агенција за млади и спорт уште пред пет години и беа оставени недовршени.

На почетокот од годината, министерот Ристовски се заложи да се доврши изградбата на овие објекти и тие да бидат ставени во функција на граѓаните. Тоа беше поставено и како приоритетен проект во програмата на Министерството за спорт за подобрување на спортската инфраструктура за 2025 година.

-Претставува огромно задоволство кога проекти почнати пред 4-5 години ќе ги ставиш во функција. Ова е втор ваков базен што е ставен во функција на граѓаните, што значи дека нашите заложби и ветувања се гледаат и низ конкретна реализација. Како Министерство за спорт настојуваме да го исполниме секое наше ветување и да стоиме зад дадениот збор. Мислам дека досега одиме во добра насока. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште многу вакви проекти – истакна Ристовски.

Министерот за спорт упати благодарност до општина Штип за „одличната соработка и координација во реализацијата на овој проект“ и благодарност до Владата за поддршката во реализацијата на проектите од спортската инфраструктура.

-Овој базен е еден од оние проекти кои стоеја заглавени и 4-5 години тапкаа во место. Но еве сега, оваа Влада во изминативе 15 месеци ги раздвижи тие проекти, Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот. Како велат, во здраво тело- здрав дух. И токму во таа насока, би сакале да ги навикнеме младите да спортуваат уште од  најрана возраст бидејќи така се градат во вистински личности кои ќе се борат и ќе напредуваат во животот- рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски упатувајќи пофалба до Министерството за спорт и до општина Штип за успешната реализација.

Изградбата на базенот во Штип е инвестиција од 46.735.815 денари со ДДВ. Во рамките на овој инфраструктурен проект на Министерството за спорт, на крајот на јули годинава во употреба беше пуштен базенот во Кисела Вода, денеска во функција е ставен и базенот во Штип, а во наредниот период треба да бидат завршени и базените во Кичево, Битола, во општина Ѓорче Петров и во општина Карпош како и базенот во Кавадарци.

Мени за пристапност