Со последната панел дискусија на тема „Национална стратегија за развој на спортот„ беше заокружен денешниот прв Регионален спортски самит „Скопје 2025“ што се одржа под покровителство на Министерството за спорт.
-Нашата стратегија е каде ја гледаме Македонија на спортски план од сега во наредните четири години инфраструктурно, резултатски и во однос на човечки капацитет и едукација на кадрите во националните спортски федерации и генерално, во македонскиот спорт, бидејќи за жал мора да констатирам дека имаме големо засотанување во речиси сите сегменти. Мора од некаде да почнеме, да ја смениме таа слика и правилно да ги поставиме работите. Тоа значи стратегиско поставување на Македонија на мапата на спортот и на успесите во спортот – истакна министерот за спорт Борко Ристовски.
Своите размислувања и идеи за стратегискиот развој на спортот на оваа тема ги образложија претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томислав Главчев и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски.
Пораката од денешниот прв Регионален спортски самит во Скопје на кој учествуваа и министерот за спорт на Србија, Зоран Гајиќ и министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шќекиќ, спортисти, спортски работници, дипломати, новинари и стопанственици е дека спортот е важен двигател на општествените и економските процеси, мост што поврзува и креира здрава нација.
Низ девете панели беа отворени повеќе теми, од можноста и потребата за развивање на регионална соработка и здружување во регионални лиги кои ќе го подигнат нивото на спортот во регионот, спортската инфраструктура, младинскиот спорт и развој на таленти, спонзорствата во спортот и спортската медицина до креирањето на националната спортска стратегија.
-Верувам дека преку регионалната соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво и просперитетно општество – порача министерот Ристовски.