Спортот не познава граници, туку создава мостови, пријателства и отвора нови можности за соработка, истакна министерот за спорт Борко Ристовски на вчерашното свечено отворање на Балканскиот шампионат во одбојка на песок за играчи под 22 години ( 25-27 јуни) што се одржува на отворен терен на градскиот плоштад во Тетово.
На свеченото отворањето на овој голем спортски настан присуствуваа: министерот за спорт Борко Ристовски, заменичката на министерот за спорт, Сафиjе Садики Шаини, првиот заменик на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами како и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски.
-Во наредните неколку дена, Тетово ќе биде центарот на балканската одбојка на песок. Ќе имаме можност да уживаме во настапите на врвни млади спортисти – 8 машки и 7 женски селекции од: Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција. Ова е уште една потврда дека спортот не познава граници, туку создава мостови, пријателства и отвора нови можности за соработка. Министерството за спорт со гордост ја поддржува организацијата на вакви натпреварувања, кои не само што го поттикнуваат развојот на младите таленти и спортскиот туризам, туку носат и нова енергија во локалните заедници – истакна министерот Борко Ристовски.
Македонија веќе традиционално е организатор на овие летни турнири во одбојка на песок за помлади категории на играчи.
На Балканскиот шампионат У22 во Тетово ќе настапат осум селекции во машка и седум во женска конкуренција од шест земји учеснички – Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција. По две екипи во машка конкуренција ќе имаат Молдавија и Турција која ќе настапи со две екипи и во жанска конкуренција.
Овој Балкански шампионат во одбојка на песок се одржува со поддршка од Министерството за спорт, во организација на Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Општина Тетово и е едно од најголемите спортски збиднувања во овој период од годината.
Регионалниот собир на најдобрите млади одбојкари на песок претставува и вистинска спортска атракција за граѓаните на Тетово, но и за сите вљубеници во одбојката бидејќи градскиот плоштад во Тетово е претворен во терен за одбојка на песок.
Министерството за спорт останува посветено на создавање нови спортски можности за младите низ целата држава и за зацврстување на соработката со локалните заедници.