Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски на 22 македонски спортисти им доделија Национално признание за врвни достигнувања во спортот. На свечената церемонија што се одржа денеска во Владата на Република Македонија, со Национално признание се стекнаа најуспешните македонски спортисти, освојувачи на титули на официјалните клупски натпреварувања од највисок ранг во екипните олимписки спортови.
-Денеска не зборуваме само за спорт, туку зборуваме за пожртвуваност, за истрајност, за достоинство и за љубов кон татковината. Денеска овде ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори – спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето, на грбот, на терените, на арените и подиумите ширум светот. Доделувањето на Националното признание за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност, тоа е чин на длабока, искрена и заслужена почит, признавање на животен подвиг на луѓе кои не барале ништо, а дадоа сѐ за својата држава. Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост. Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип-дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот – рече претседателот на Владата Христијан Мицковски истакнувајќи дека овиее 22 признанија се само почеток на една нова политика и воспоставување на нов систем на вредности.
- Aко спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ.Дека успесите се плод на долги и тешки патеки.Ова признание не е само награда за минатото, туку и порака за иднината. За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат и се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина.Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас. Ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можност ќе ви се оддолжи-токму како што денеска им се оддолжуваме на оние кои веќе го испишаа своето име со златни букви – посочи Мицкоски.
Министерот за спорт, Борко Ристовски истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што со поддршка од Владата се испочитувани врвните македонски спортисти за сѐ она што го имаат направено во кариерата и за промоцијата на државата преку спортот.
- Со овие признанија ја изразуваме нашата почит за сѐ она што го имаат направено овие македонски спортсити во минатото, но и сѐ уште го прават бидејќи многумина и денес се активно вклучени и придонесуваат за развојот на спортот и за развојот на свеста за негување на вистински вредности. Со големо задоволство сакам да порачам дека државата, Владата и Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува вистинските спротисти, вистинските спортски вредности и се надевам дека во иднина ќе имаме уште многу големи македонски спортисти што ќе оставруваат врвни резултати и што ќе заслужат вакви награди – порача Ристовски.
Националното спортско признание се доделува на најдобрите македонски спортисти за нивните исклучителни клупски остварувања во екипните спортови кои досега не беа соодветно вреднувани.
-За мене претставува голема чест да бидам заедно со сите овие спортисти кои со своите резултати и посветеност ја претставувале Македонија со целото свое срце и душа. Ова признание не е само лично за мене, туку и за сите мкои соиграчи и тренери со кои заедно сме го граделе успехот. Изразувам благодарност до ФФМ и до моето семејство за нивната жртва и поддршка на секој чекор во мојата кариера. Чувствувам гордост, но и голема обврска да продолжиме да се бориме за големи работи – истакна во своето обраќање Горан Пандев.
-Во мое име и во името на сите шампиони кои имаат чест да го примат ова Национално признание, сакам да изразам искрена благодарност и длабока почит како за инцијативата од страна на министерот Борко Ристовски, така и за разбирањето и целосната поддршка од Владата на Република Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски за донесување на овој значаен Закон. Особена благодарност за министерот за спорт кој покажа слух, визија и вистинско разбирање на тоа што значи спортот во изградбата на еден здрав систем и на едно здраво општество. Со овој Закон конечно се препозна вистинската вредност на спортот како двигател на мотивацијата, националниот идентитет и гордоста на еден народ. Особено ме радува што со овој Закон се воспоставува еден нов систем на вредности кои недостасуваа во нашата заедница – порача Петар Наумоски.
Со измените во Законот за спорт (член 50-а) што ги направи Министерството за спорт, национално спортско признание со кое се стекнуваат спортисти државјани на Република Македонија „може да се додели и на спортист-поединец за освоен златен медал, односно за освоено прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство од највисок степен во екипните олимписки спортови или во случаите на остварување резултат кој е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар“.
Со тоа конечно се вреднуваат и првата ракометна титула за Македонија во Лигата на шампионите што ја донесе Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, како и двете шампионски титули на Вардар во најсилното европско натпреварување во 2017 и во 2019 година.
-Ова е исклучително значаен и многу емотивен момент за сите нас. Кога ја освоивме титулата во Лигата на шампионите верував дека тоа чувство на тремор и на гордост се доживува само еднаш во животот, а останува засекогаш. Денеска чувствувам исто толку силна емоција како тогаш кога со Кометал Ѓорче Петров го освоивме врвот на Европа и станавме европски шампиони. Денешниот момент кога нашата држава ни дава признанија и јавна почит за постигнатиот успех, ја потврдува длабоката вредност на спортот во едно општество. Чувствувам огромна благодарност до министерот за спорт и до премиерот што после 23 години од шампионската титула, прва шампионска титула во независна Македонија, направивте добивањето на Националното спортско признание за нас да стане реалност – рече Гордана Нацева.
Според законските одредби, на спортистот кој стекнал национално спортско признание му се доделува плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година.
Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а се исплаќаат преку органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Условите како и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок, поблиску ги уредува Владата на Република Македонија со уредба.
Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот се стекнаа:
- фудбал: Горан Пандев (европски шампион – ЛШ со Интер, 2010), Дарко Панчев (европски шампион - ЛШ со Црвена Звезда, светски шампион -Интерконтинентален куп, 1991), Илија Најдоски (европски шампион - ЛШ со Црвена Звезда, светски шампион -Интерконтинентален куп, 1991)
- кошарка: Петар Наумоски (европски шампион – титула во Евролига со југопластика, 1990 и 1991), Перо Антиќ (европски шампион – титула во Евролига со Олимпијакос - 2012, 2013, Фенербахче - 2017)
- ракомет: Кирил Лазаров (најдобар стрелец рекордер на СП 2009 и на ЕП 2012, европски шампион -титула во ЛШ со Барселона 2015, светски клупски шампион -Супер Глоб со Барселона 2013, 2014, 2017), Стојанче Стоилов (европски шампион – титула во ЛШ со Вардар 2017, 2019), Владо Недановски (европски шампион – титула во ЛШ со Вардар 2017, 2019), Петар Ангелов (европски шанмпион – титула во ЛШ со Вардар 2017), Марко Кизиќ (европски шампион, титула во ЛШ со Вардар 2017, 2019) Марко Мишевски (европски шампион – титула во ЛШ со Вардар 2019), Мартин Поповски (европски шампион – титула во ЛШ со Вардар 2017, 2019), Валентина Радуловиќ (европска шампионка – титула во ЛШ со Шлагелсе 2004, 2005), Елена Ѓорѓиевска (европска шампионка – титула во ЛШ со Будуќност 2012) Индира Кастратовиќ (стрелец рекордер на СП 1997, европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Гордана Нацева (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Мирјана Чупиќ (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Милева Велкова (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Анжела Платон (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Лариса Кисељова (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Елена Златановска Муратовска (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002), Клара Боева (европска шампионка - титула во ЛШ со Кометал ЃП 2002).